Роберт Вељановски е разрешен од функцијата директор на Драмски театар, а на негово место како в.д. е назначен актерот Сашо Тасевски.
Тој е дел од Драмски театар од 1998 година, каде остварил бројни главни и споредни улоги во претстави. Објавува колумни на тема политика и етика, а има објавено и неколку научни трудови од областа на театарот. Тасевски е познат и по тоа што беше силен критичар на власта.
Според Министерството за култура, по извршената инспекција во Драмскиот театар, биле најдени неправилности во работењето на Вељановски.
Според наодите, Вељановски не спроведувал постапка за реаудиција, незаконски издавал простор од објектот кој е сопственост на државата, а чии договор за закуп бил истечен пред две години. Воедно, не водел евиденција за работното време и Годишната програма на театарот ја усвоил без согласност на Управниот одбор.