Екипи на ЈП „Улици и патишта“ од Скопје почнаа да го чистат коритото на реката Вардар кое беше затрупано со градежниот шут. Чистењето е дел од Програмата за одржување на коритото на реката Вардар, нејзините притоки, реките Серава, Лепенец, Треска и на отворените канали на подрачјето на Град Скопје за 2017 година.
„На потегот од Камениот мост до хотелот Холидеј Ин, екипите рачно ја чистат нискостеблеста вегетација од косините и од кејот на реката Вардар, а со багери машински се чисти и коритото од градежен шут и од наносите на надојдените води од обилните врнежи на дожд“, соопштија од Град Скопје.
Коритото на Вардар во централното подрачје со месеци е затрупано во отпад поради изведувањето на бројни градежни зафати во рамки на проектот „Скопје 2014“.