[Сведоштво] Бригадирот Душко Маџоски: Студентите помогнаа Скопје по земјотресот да се врати во живот

Некогашниот студентски бригадир Душко Маџоски го памети скопскиот земјотрес по страв и викотници. По избезумени и расплакани луѓе. Го памети и по храбри и солидарни луѓе кои помагаат разурнато Скопје да се издигне од пепел. По 54 години, за него работните бригади се двигател, симбол на обнова. Помагаа на скопјани со срушени домови, ги вадеа повредените и мртвите, пееја песни за мотивација… Студентите ги поставуваа темелите на новото Скопје. 

Душко Маџоски е возрасен скопјанец, своевремен секретар на Сојузот на резервни воени старешини. Секогаш ќе ве сретне насмеан. Поткривнува со бастумот, вика „нежен сум со здравјето“, ама е насмеан. Се додека не почне да раскажува за земјотресот од 26 јули, 1963 година. Тогаш гледате како старец се претвора во студент. Цел се вкочанува. Погледот е отсутен, бега далеку од клупата и игралиштето каде седнавме да поразговараме.

„Во тој период бев дел од студентската работна бригада ’Мирче Ацев’, која учествуваше на изградбата на автопатот ’Братство – единство’ на делницата Белград – Параќин. Работевме заедно со бригадата ’Мите Богоевски’. Тоа беа студенти од Правен, Градежен, Земјоделски, Филозофски, Медицински факултет од главниот град“, раскажува Маџоски,

Вели, тензијата се чувствувала меѓу сите бригади. И оние од Сараево, Загреб, Љубљана, меѓу мешаните бригади… Имале убава дружба, развиле сплотеност и заеднички дух. Ги испратиле на автопатот со песни и разиорени знамиња, мотивирани за изградба. Но, сега веста била застрашувачка за сите. Ги стаписала. Особено оние со родители и пријатели во Скопје.

„Веднаш беше организиран превоз, ни обезбедија исхрана и здравствена заштита. Разделбата беше мачна. Не’ испратија со солзи. Во автобусот никој од студентите не зборуваше. Молк и неизвесност. Многу од бригадирите беа потресени, но подготвени за предизвикот“, се присетува Маџоски.

Како што се доближувале до Скопје чувствувале грозна атмосфера. Кон градот се упатувале санитарни, здравствени и спасувачки возила од цела Југославија. Од Скопје, пак, излегувале екипи за евакуација. Вели, сеќавањето не испарува ниту по 50 години.

Фото: Томислав Петернек

„Не можам да ја опишам глетката. Го немаше нашиот град. Ја немаше Железничката станица.  Минавме покрај плоштадот ’Маршал Тито’ и ги видовме урнати Народната банка, хотелот ’Македонија‘, Официрскиот дом… Наидувавме на се’ повеќе оштетени објекти, глетката беше се’ пострашна и пострашна. Рушевини. Се слушаат гласови, лелеци, сирени на брза помош. На спасувачките екипи се приклучуваа и војници од ЈНА. Доаѓаа луѓе во разни униформи од цела Југославија, од нашите Злетово, Куманово, Велес, Тетово. Човек за човек. Кој колку и како може да помогне! Се водеше битка за секој живот. Напорно се работеше на извлекување на затрупаните, истовремено се згрижуваа повредените. Прашина го ’голташе’ градот, ги снема населбите. Тешка беше глетката кај плоштадот ’Слобода’, на ’Орце Николов’, ’Ленинова’, ’Коле Неделковски’…“, раскажува Маџоски.

Првата вечер ги сместиле на посебна локација во Карпош 3, на истите ниви и бавчи сега се наоѓа Воената болница. Студентските бригади „Мирче Ацев“ и „Мите Богоевски“ ја минале ноќта под отворено небо. Претседателот на Централниот комитет на младинците, Драгољуб Ставрев, дал извештај околу загинатите, затрупаните и повредените, за тоа каде  вода и струја. Добиле нов распоред и се впуштиле во спасување на граѓаните. Некои биле ангажирани за подигнувале шаторски населби, други со денови закопувале загинати.

„Тоа беше тешка траума за нас, тешка траума за цели генерации жители на Скопје. Во главите ги снема сите убави сеќавања од градот, од младинските денови. Средбите од градското корзо, на кејот, миговите на стадионот со фудбалските екипи, средбите во паркот и познатата ’Кокта’ во ’Кермес’. На некои од бригадирите им загинаа роднини, другари… Затоа, бевме пресреќни кога под урнатините ќе најдевме живи граѓани. Ни се мешаа потта, солзите и крвта. Условите беа лоши и практично работевме на температура меѓу 35-40 Целзиусови степени. Но, ретко некој чувствуваше умор, имавме елан, трпеливост, верба, иако некои буквално паѓаа во несвест од топлотниот бран. Но, не прекинавме!“, раскажува Маџоски.

Пристигала помош од повеќе од 90 земји. Се присетува на разнобојни камиони со лекови, храна, облека, со крвна плазма… Дури и од Африка и Азија. Скопјани не биле сами. Градот станал симбол на солидарност и хуманост. Охрабрувачки дејствувале и зборовите на претседателот Тито, потоа испишани и на Железничката станица. Два-три дена од кобното утро голем дел од граѓаните веќе биле евакуирани низ разни краишта по Југославија. Евакуацијата била брза, организирана, а учествувале повеќе институции.

Фото: Томислав Петернек

Маџоски плаче кога раскажува за плачот на скопјаните и скопјанките.

„Навистина немам зборови да ги опишам разделбите и плачот меѓу мајките и децата што беа евакуирани и праќани по собирните центри. Улиците останаа без деца. Празно беше по Дебар Маало, Маџир Маало, центарот… Одевме по улиците и единствено се слушаше ’Како сте’ и ’Дали сте живи и здрави’. Се слушаше на секој чекор. Постојано. Реки од луѓе се упатуваа кон шаторите-живеалишта кај Градски парк и во Тафталиџе“, се присетува Маџоски, дополнувајќи дека на 1 август 1963 година дошле уште 1.000 студентски бригадири ангажирани по автопатиштата.

Им се приклучила и бригадата „Кузман Јосифовски-Питу“. Заедно пееле „Скопје граду, ти не губи надеж, ќе те градат студентските бригади“ и „Мила мајко, ти рони солза, убаво стои бригадирската блуза“. Развиориле знамиња по ’Партизанска’. Кај сите била присутна желба да го подигнат моралот. Одговорноста била голема.

„Беа уништени институции, факултети и административни објекти. Затоа, на националниот празник 2 Август се формираше и почна да работи Сојузната работна акција ’Скопје 63’. Ни се приклучуваа Американци, Французи, Чехословаци, но и единици на СССР кои престојуваа во Влае. Иницијативата туркаше напор за обезбедување основни услови за живот пред да фати зимата. Главно работевме на уредување и изградба на тогашните населби во Ѓорче Петров, Тафталиџе, Влае…, но истовремено се расчистуваа и урнатините. Беа потребни луѓе и за растоварување на градежниот материјал – помош од странство“, вели стариот бригадир, потенцирајќи дека неговиот ентузијазам не останал незабележан од претседателот. Тито на годишнината од земјотресот му врачил Орден за заслуга за народ.

„Сега, многу сум вознемирен од земјотреси. И од годинешните, и од ланските потреси на скопското тло. Ме ‘пресекуваат’. Знам што значи да се спасуваат граѓани, да се работи на разрушени објекти. Сите мои колеги, студенти дадоа прилог во спасувањето на Скопје“, нагласува Маџоски.

 

Бојан Шашевски