Скршени прозорци и врати, ишарани ѕидови, отпад на сите страни, a влезот слободен. Ваква е состојбата на спортската сала „Наум Наумовски – Борче“, или попозната како „Партизан“, која некогаш била гордост на општина Карпош и Град Скопје. Таа е изградена со помош од Франција, по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.
На влезот од објектот остана само избледен плакат за часови по аеробик, а името на салата е врежано во плочата, иако буквите ги нема. Сеќавањата од миговите поминати во неа се уште се присутни меѓу карпошани. Тие не сакаат повеќе да гледаат како овој објект секојдневно пропаѓа, ниту пак, сакаат на негово место да никне висококатница.
Токму поради тоа, тие денеска се собраа и започнаа иницијатива за обнова на салата. Нека победи „Партизан“, велат тие.
„Овде генерации деца и спортисти изглегоа. Очекуваме државата да преземе иницијатива за да си остане градбата и да биде повторнo истиот ‘Партизан’. Ова е за нашите деца“, изјави средовечен карпошанец, потпишувајќи ја петицијата наменета за властите, додека во позадина се слушаа песни за едно Скопје.
Ред се чекаше за да се потпише петицијата. За само неколку минути веќе три листа целосно се пополнија. Ова, велат граѓаните, го прават за идните генерации.
„Давам целосна поддршка на оваа иницијатива. Од големо значење беше ‘Партизан’ во наше време и штета што е во ваква руинирана положба. Жалосно е, бидејќи ни недостасуваат спортски објекти во оваа општина“, рече друга жителка на општината, на што се надоврза нејзината мајка велејќи – „објекти со традиција“.
Најголема штета е што пет генерации се лишани од можноста да се рекреираат и да имаат место каде паметно ќе го трошат своето време, смета организаторот на собирот Анте Попоски, кој и самиот е жител на Карпош. Тој вели дека според Катастарот, актуелен сопственик на објектот е Република Македонија, па поради тоа од неа бараат повторно да биде ставен во функција на граѓаните.
„Не може да биде предмет на отуѓување, на комерцијализација. Не е место ни за десеткатници, ни за трговски центри, едноставно тоа треба да остане она што е. Наменета му е за спортски активности и рекреација и да биде достапен за сите“, смета тој.
Емилија Петреска