Театарската претстава „Изгубени Германци“ работена по текст на Дејан Дуковски, а во режија на Слободан Унковски, премиерно ќе биде изведена вечeрва (вторник, 5 февруари) во Македонскиот народен театар во 20:00 часот.
Ова е трета претстава на тандемот Дуковски- Унковски кои досега ги реализираа и „Буре барут“ и „Другата страна“, со оваа претстава режисерот Унковски се враќа на сцената на МНТ по осумгодишна пауза, по поставувањето на последната претстава „Црнила“ во 2005 година.
„Изгубени Германци“ е црна комедија во која главните ликови се комунист, нацист, хомосексуалец, уметник и стриптизерка, заглавени во рудник во Македонија во 1944 година. Истражуваат некоја тајна руда, а практично се сокриени од војната. Тука дискутираат за разни прашања. Текстот лани ја доби и наградата „Коле Чашуле“ на МНТ. Изгубени Германци“ е трета соработка на Слободан Унковски со Дејан Дуковски по „Буре Барут“ и „Другата страна“.
Во претставата улогите ги толкуваат актерите: Камка Тоциновски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Ѕвезда Ангеловска, Јовица Михајловски, Јордан Симеонов, Оливер Митковски, Сања Арсовска и Емил Рубен, дел од кои вчера го споделија задоволството од меѓусебната соработка и од соработката со Дуковски и Унковски, гледајќи на претставата и како на голем предизвик за проверка или потврда на своите професионални квалитети.
Костимограф и автор на целиот дизајн на претставата е Бојана Никитовиќ од Белград, кореограф е Кренаре Невзати-Кери, а сценограф Виктор Михајлов.
Извор: Cooltura.mk