Следејќи ги на интернет излагањата на моите колеги вработени во текстилната, кожарската и чевларската индустрија, со цел во јавноста да ја покажеме вистинската слика за тоа што се случува со работничките права во текстилните фабрики во истокот, решив и јас да пишам неколку збора околу тоа. Не ретко овде е случај по завршувањето на средното училиште веднаш да се влезе на работа во конфекциите, оние кои не сакаат да го продолжат своето образование или не се финасиски моќни (да, денес факулетот чини 200 евра, но запомтете, текстилната плата не ги покрива основните трошоци, не пак да имаш финансии да си го пратиш детето на факултет) најчесто после матурата одат да работат во конфекциите. Една од нив бев и јас, пишува текстилна работничка од Злетово во колумната за Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија.
Значи на оние 5 години кои му се потреби на работодавецот да одлучи дали си ти добар работник или не, и дали ќе ти даде договор на неопределено време, претходно му беа потребни и дополнителни 6 месеци за да види дали треба да те осигура. Денес не е многу поинаку, ваквата пракса се уште се спроведува во фабриките, најмногу во оние за текстил.
Работејќи во оваа индустрија констатирав дека овде речиси не постои ден каде што нашите работнички права не се прекршуваат. Едно од најчестите прекршувања е одењето прекувремено на работа, во текот на неделата одиме по трипати до 17 часот и не се ретки случаите кога ја работиме и неделата. Денот на една текстилна работничка се состои од работа, работа и работа, ние немаме време за било каков одмор, немаме време да си ги погледнеме фамилиите, ние сме дома по неколку часа во денот, но исто како да не сме, изморени физички и психички. И оној одмор кој го имаме за да се одмориме, ние и не го добиваме како што е запишано законски. Од 20 работни денови годишен одмор, ние добиваме една недела заедно со државни празници и викенд. Има некои колешки кои земаат и подолг одмор, но тоа се поединци, додека мнозинството има право на одмор само една недела.
Мобингот овде е секојдневние, покрај напорната работа, неклиматизираните погони, лошата светлина имаме и плус навреди, како и без нив да не е доволно тешко. До душа кај нас е климатизирано, но нефункционално, не се вклучуваат климите и во погоните е пекол. Единствено што се одважија на нашите секојдневни забелешки е што добивме два вентилатори и со тоа го „решија“ проблемот. Овде не постои човечност. Ако сакате да видите како светот изгледа без човечност дојдете во текстилна конфекција. Деновиве добив наредба од шефицата да испеглам 150 парчиња, а нормата е 80, и кога и кажав дека такво нешто е невозможно да се направи, одговорот беше МОРАШ! Најстрашно е кога се врши утовар. Тогаш погонот ечи од „мижави ли сте вие што шиете“ или „ќоруши, слепуши каде гледате“. Можеби некому ова му е смешно, но ова е дури и ублажено.
Ако помисливте дека:”Штом уште работите под овие услови, сигурно имате добри плати”, ќе ви кажам дека се лажете. И таму сме дотепани, плата никаква, услови минимални, без менза. Ако случајно заедно со сите прекувремени, празници и недели платата надмине 12 000 илјади, се над тоа се добива во плик за да не избегне плаќањето на данок. Затоа се „газди“. Сигурно си велите зошто не пријавите? Каде? На кого? Кога доаѓа инспекција се одбираат неколку колешки на кои им се кажува што треба да кажат, инспекторите се задржуваат кратко, не ни влегуваат во погонот и НИКОГАШ не се констатира никаква аномалија во работењето. Трудовиот инспекторат треба да биде нашето прибежиште, а тој е всушност сигурносна заштита на работодавачите. И ете, се повеќе се охрабруваме и ги изнесуваме нашите животни приказни во јавност. Но ни фали храброст да се спротивставиме на неправдите кои ни ги нанесуваат нашите претпоставени. Тогаш би се сменила можеби состојбата која е иста децении наназад, но нема слога, нема солидарност, страв е во прашање. И таа плата од 12.000 денари ќе ја немаме.
Ете тоа е дел од правата вистина како изгледа еден работен ден во конфекциите на истокот. Ете така се станува искусен работник.