Поделбата на студентските милиони не е ништо друго освен игра. Во таа игра оние на кои била доверена задачата според сопствена совест да ги распоредуваат милионите, ги наградуваат пријателите и ги казнуваат непријателите. Автономно дејствување, за кое не се одговара, пишува Ања Хрешчак во колумна за словенечки Dnevnik.
Во фондот на студентските организации секоја година се слева една третина од собраните концесиски придонеси од работата на студентите. Збирот на сите заработувачки преку документот за извршената работа, во минатата година изнесуваше од 220 до 300 милиони евра. Од него Студентската организација на Словенија секоја година добива приближно 15 милиони евра, без оглед на тоа колку проекти имаат намера да изведат и какви активности да планираат да спроведат. Добиените пари централната студенстска организација ги разделува меѓу своите членки, а најголем дел добиваат оние во Љубљана. Потоа во трите подрачни организации парите се распределуваат според планираните проекти.
Фондот го составува претседателот заедно со претставниците од студентските организации, а го потврдуваат студентските пратеници. Рок Ликович кој е актуелен претседател на Љубљанската студентска организација заедно со својот претставнички одбор врши распределба на 4.5 милиони евра. Тој е студент во 3 година на Економскиот факултет, роден 1991 година, и сите останати пратеници се студенти до дваесет или над дваесет годишна возраст. При распределбата на парите освен внатрешните одлуки на организацијата, законските нормативи тие не треба да ги имаат во предвид. За склучување на зделките не е потребно да се оди преку тендер, што широко ги отвара вратите на давање предност на пријателските организации. Во однос на трошењето на парите не се обврзани да водат сметка ниту за економичноста, ефикасноста и транспарентноста. Исто така за потрошените средства не треба да поднесуваат извештај на никаков надворешен надзорен орган. До сега, организациите уште ги немаат завршено своите извештаи за потрошените средства од изминатата година, бидејќи кон тоа ништо не ги обврзува. А, до сега никогаш за тоа не биле казнувани.
Драго Кос (претседателот на Антикорупциската комисија на Словенија, н.з.) направил детално разгледување на дејностите меѓу Студентската организација на Словенија и организацијата Маргент, што е ќерка фирма на компанијата Ултра, која е во сопственост на некогашниот министер за високо образование, наука и технологија- Грегор Голобич. Тој констатира дека не постоела корупција. На студентската организација не и е потребно да се усогласува со Законот за јавни набавки и според тоа „дури и ако се договориле со Маргет за работа, сеуште не станува збор за корупција, бидејќи студентската организација е целосно автономна во своето дејствување“, изјавил тогаш Кос.
Под такви услови студентските фондови не можат да бидат ништо друго, освен една забава. За да остане тоа така, пред две години кога насобраната маса со камења се нафрли врз парламентот студентските организации се бореа со сите сили. Всушност, тогаш на прво место студентските организации не се бореа за своите права, туку за зачувување на сопствените привилегии. Вистинската намена на студентското организирање низ годините се изјалови и загуби некаде меѓу проектот изведуван на Сајмиштето (Господарско раставишче) како и некои други проекти, за кои просечните студенти никогаш не слушнале. И врапчињата гласно џивкаат за студентските скриени кумови, кои што иако со години веќе не се студенти, се уште се влечкаат низ ходниците на Керсникова (локацијата на студентскиот центар), насочувајќи ја работата во сопствена корист.
Кога некогашниот претседател на Комисијата за спречување на корупцијата поднесе извештај во врска со споменатава ситуација, го заврши со овие зборови: „Ако за студентските организации важеше Законот за јавни набавки (тендер), тогаш меѓу другото сликата би била сосем поинаква и би можеле да имаме сосема поинакво мислење“.
Извор: Dnevnik.si