Враќањето на пратеничките мандати на СДСМ води кон нови избори за пратеници

1C3C1EB5F4392D4EBB758600F4A1CE81Реализацијата на најавите на опозициската СДСМ за враќање на пратеничките мандати може да донесе дополнителни избори на пратеници и уште повеќе да ја продлабочи политичката криза во земјава, предупредуваат познавачите.  „Согласно член 153 и 154 од Изборниот Законик доколку мандатите се вратат и листата на кандидати е исцрпена се распишуваат дополнителни избори за избор на пратеници во изборната единица од која е избран пратеникот“, велат од невладината МОСТ за Радио МОФ.

Доколку пратениците на опозицијата се решат на ваков чекор, тогаш според Изборниот законик, на нивно место пратеници стануваат наредните кандидати од изборната листа. Ако пак и наредните кандидати од листата ги одбијат пратеничките места или не ја известат ДИК во рок од осум дена за прифаќањето на мандатот, право на мандат добива наредниот кандидат од листата. Според законот, доколку листата на кандидати  се исцрпи, правото на мандат повторно се нуди на кандидатите од почетокот на листата, доколку на неа има кандидати.

Дополнителни избори за одбиените мандати

Според Изборниот законик, доколку сите кандидати на листата ги одбијат пратеничките мандати, тогаш се распишуваат дополнителни избори само за вратените пратенички мандати. Поранешниот претседател на Собранието и професор по уставно право и политички систем на Правниот факултет, Саво Климовски за Радио МОФ вели дека во моментот мнозинството во Собранието нема законски пречки за да продолжи да функционира а носењето на законите за кои е потребно дво-третинско мнозинство, ќе се пролонгира.

„Државната изборна комисија е должна да ја исцрпи листата на кандидати и сите наредни кандидати од таа партија, мора да одбијат мандат за да се распише избори во таа изборна единица, што е многу долг процес и тоа ќе биде лошо за државата“, вели Климовски. Според него, под притисок на меѓународната јавност, двете најголеми партии во земјава, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ сепак ќе мора да најдат компромис за излез од политичката криза.

„Предвремени избори најверојатно ќе се случат наесен, под притисок на меѓународната јавност а локалните ќе се одржат на пролет. И ова можеби е добро зошто ВМРО-ДПМНЕ нема што да изгуби а СДСМ ќе види колку тежи кај народот“, додава тој.

Политичката криза настана по инцидентите од 24-ти декември кога новинарите и пратениците од опозицијата насилно беа отстранети од собраниската сала. Оттогаш, опозициската коалиција која има 42 пратеници, секојдневно организира протести во Скопје и другите градови низ земјата и засега останува на ставот дека нема да учествува на престојните локални избори.

Што е враќање на мандати?

Во Р. Македонија поимот “враќање на пратенички мандати” не претставува уставна и законска терминологија, велат правниците кои ги консултираше Радио МОФ. Тоа значи дека не постои одредба каде стои дефинирање што претставува враќање на пратенички мандат ниту пак словото на законот се служи со овој термин. Прашањето на враќање на пратеничките мандати се поврзува со престанокот на мандатот по основ на поднесување на оставка, која пратеникот треба да ја поднесе лично на седница на Собранието.

К.О.