Министерството за внатрешни работи соопшти дека малолетен скопјанец е осомничен за подметнувањето на пожарот кој избувна во Долна Матка пред три дена.
Оттаму информираат дека по преземените оперативни мерки и активности дошле до сознание дека можен сторител на кривичното дело е Л.Ш. (17) од Скопје за што од страна на СВР Скопје по комплетирање на целосната документација противе него ќе биде поднесена кривична пријава.
„На 3 август, околу 13:46 часот, во Единицата за известување и команда во СВР Скопје телефонски пријавено e дека во с.Долна Матка во близина на кајак клубот, односно шумата спроти реката Треска, е зафатена од пожар којшто се ширел со голема брзина.
Веднаш по пријавата за настанот на лице место излезени се полициски службеници од ПО Сарај, вработени од ЈП Паркови Зеленило, БППЗ Скопје и ЦУК, a известен e и Јавен обвинител“, стои во соопштението на МВР.
Директорот на Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, Душан Авировиќ претходно во изјава рече дека туристи го снимиле пироманот со телефон.