Хакер или група хакери под името „Господин Смит“ објавија голема количина на украдени документи од ХБО и бараат компанијата да плати отштета од неколку милиони долари за да спречат понатамошни објави.
Во новите протечени документи, според Холивуд Рипортер кои добиле порака од хакерите преку мејл, било вклучено и деталното сценарио на претстојната 5-та епизода од 7-мата сезона од хит-серијата „Game of Thrones“, заедно со мејлови на еден од директорите на компанијата. Документите од новата епизода биле објавени заедно со кастинг материјали, сценарио, резиме и маркетинг стратегии за серијата.
Хакерите доставиле и видео порака до директорот на ХБО, Ричард Плеплер во која тие велат: „Успешно влеговме во вашата голема мрежа. ХБО беше една од потешките цели со кои се соочивме, но успеавме (потребно беше околу 6 месеци)“.
Претставник од ХБО, во соопштение, изјавил дека досега немаат причина да веруваат дека нивниот мејл систем е целосно пробиен.
„ХБО верува дека може да излезат нови објави од овој сајбер-инцидент кој го потврдивме минатата недела. Како што претходно кажавме, во тек е форензичка проверка. Продолжуваме да работиме со надворешни сајбер-безбедносни компании и полициските органи за разрешување на инцидентот. Во меѓувреме, нашите посветени вработени продолжуваат да се фокусираат на обезбедување висококвалитетна забава и услуги по кои сме познати“, стои во соопштението од компанијата.
Информациите за сајбер-нападот беше потврден минатата недела, кога сценарио за 4-тата епизода на Game of Thrones беше објавена онлајн. Подоцна предвреме протече и целосната епизода онлајн, но од ХБО соопштија дека инцидентот не бил поврзан со поголемото хакирање.
Хакерите, според информациите, побарале отштета за украдените 1,5 терабајти податоци од кабелската мрежа.