Лавиринт од бариери за Теодор: На влезот на УКИМ сум оставен сам на себе

Кога го договаравме интервјуто со 25-годишниот Теодор Богоевски, мораше да ни укаже дека подалеку од паркингот на УКИМ нема да може да пристапи, зошто не му е достапна предната рампа поради градежните зафати за изградба на новите факултети.

Веќе девет години се наоѓа во инвалидска количка, по пад во кој му настрадал еден од пршлените во рбетниот столб. Левата рака му е неподвижна додека на десната има тетоважа, за, како што вели низ смеа, „да не ме сожалуваат“.

Како вонреден студент на втората година од правните студии на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, вели дека се соочува со големи тешкотии во нормално следење на својот високообразовен процес. Проблемите започнуваат уште од дома, со превозот до факултет, кој ниту е добро организиран, ниту има доволно возила за таа намена. Откако ќе биде транспортиран до факултетот – препуштен е сам на себе.

Теодор Богоевски

„Ние што зависиме од други лица за нашето движење, секое понатамошно функционирање на факултетот е невозможно. И кога ќе дојдам со близок, пријател… има многу бариери. Закажуваат испит на скали, без лифт, те праќаат да бараш индекс. Културата е сведена на тоа како да не постоиш. Сите го гледаат тој што е со тебе – „оди земи индекс, ти дечко седи не се малтретирај“… Но, јас сакам да се малтретирам, бидејќи сум нормален човек кој утре ќе треба сам да функционира“, вели Теодор.

Објаснува дека постојат проблеми и во комуникацијата со професорите, како консултации, информирање за потребни материјали за учење и слично. Тој вели дека е потребно да постои лице на факултетот кој ќе ги води низ процесот, бидејќи како вонреден студент нема можност секојдневно да биде во тек со актуелностите.

„Со самото тоа што не има малку лица со попреченост на факултет, луѓето немаат свесност како треба да реагираат и да помогнат“, вели. „Откако професорот ќе закаже испит, полагањето на крај излегува најлесно“.

0,17%

Последниве пет години на факултетите на УКИМ се запишале 71 лице со попреченост. Во истиот период, успешно дипломирале само 8 лица со попреченост.

Најмногу од нив, во периодот од 2012-2017 година, се запишале на Филозофскиот факултет (23), па на ФИНКИ (околу 10) и Филолошкиот факултет (6).

Овие податоци се добиени преку 302 барања за пристап до информации од јавен карактер испратени до сите 23 факултети на УКИМ. Тие се дел од истражувањето „Нееднаквост во високото образование: Достапност и услуги за лица со попреченост на УКИМ“ на Александра Живковиќ и Сања Божовиќ за Младинскиот образовен форум.

Според податоците, процентуално само 0,17% од сите запишани студенти на УКИМ изминатите пет години, се лица со попреченост. За споредба, Светската здравствена организација посочува дека една милијарда луѓе, или скоро 15% од светската популација имаат одредена попреченост.

„За мене ова има негативен и позитивен дел. Негативно е оваа поразителната бројка на лица кои запишале и завршиле факултет, која би била срамна за секое општество. Затоа има и ниско мислење за нас – дека ние сме неспособни. Позитивно е пак тоа што, ако завршиш факултет во количка, ти си некаков вид на херој. Таа диплома има посебна вредност, бидејќи се работи за посебна борба во закажувањето на секој испит“, вели Теодор, коментирајќи ги овие бројки.

„Психологија нема услови за лица со инвалидитет, Факултетот за архитектура дури има пречкртана количка – не може да се качи лице во количка иако рацете му мрдаат и можеби црта многу подобро од просечно… Тоа се физичките бариери. Во врска со нормите, на пример во Австрија е убаво уредено: луѓето добиваат бенифиции од државата, но, се условени да одат редовно на факултет, а факултетите се обврзани да обезбедат услови. Така луѓето се мотивирани да не седат дома и да бидат активни. Кај нас ситуацијата е обратна“, објаснува тој.

Во истражувањето дополнително е наведено дека 10 од 23 факултети при УКИМ немаат никакви инфраструктурни прилагодувања за лица со попреченост. Ниту еден факултет нема стратегија за оваа категорија лица, ниту пак посебен човек или тело кое развива политики и нуди поддршка на лицата со попреченост.

Соработка со државата, за подобрување на условите за лицата со попреченост, пријавил единствено ФИНКИ преку меморандум потпишан со Министерството за труд и социјална политика. Ниту еден од факултетите не пријавил програми за менторство на лица со попреченост.

7 факултети имаат лифтови, додека само 10 имаат рампи. Правниот факултет пријавил навигација за лица со пречки во видот, додека Факултетот за дизајн има специфична патека (иако не навеле каква). Факултетот за драмски уметности е единствениот кој пријавил ниска градба на факултетот, што го прави лесно пристапен за студенти во количка или со потешкотии во движењето.

Истражувањето открива и дека ниту еден од факултетите не пријавиле дека имаат помошна технологија, уреди, помошни средства за мобилност и слично.

Единствено Фармацевтскиот факултет објаснил дека постои можност за обезбедување материјали во електронска форма.

Образованието е скапо – незнаењето уште поскапо

Во истражувањето се наведува дека Универзитетскиот статут ги препознава студентите со попреченост како категорија со специфични потреби, но со прешироки дефиниции кои не се применливи во пракса. Иако сите документи на УКИМ промовираат еднаквост и антидискриминација за студентите со попреченост, сепак недостасуваат одредби и стратегии кои би придонеле за промоција и охрабрување на оваа категорија лица да се запишат и да ги завршат студиите.

Авторите посочуваат и на застарена и навредлива терминологија во некои од правните одредби, додека во спроведувањето на истражувањето од УКИМ одговориле дека прашањата во врска со студентите со попреченост не се во нивна, туку во надлежност на факултетите.

Професорот и поранешен декан на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Борче Давитковски вели дека, барем на неговиот матичен факултет, професорите внимавале да им излезат во пресрет на студентите со попреченост – преку овозможување на адекватен амфитеатар, усни полагања и слично, посочувајќи дека оние од нив, кои го завршиле факултетот, денеска се добри правници.

„Јас немам впечаток на дискриминација на Правниот факултет. И во мојот мандат како декан и продекан немало некој да се пожали на административни бариери, или да не им се заврши некоја услуга. Бидејќи, навистина, ние сме факултет кој е за рамноправност. Тоа и го предаваме – основни човекови права. Ако ние не ги применуваме, зошто сме воопшто професори и ја вршиме оваа дејност?“, вели Давитковски.

Професорката Ана Павловска Данева причината за тешкиот пристап на лицата со попреченост до образованието го лоцира во нискиот буџет кој државата го одвојува за образованието.

„Не само рампите за пристап, туку колку се прилагодени и тоалетите, амфитеатрите, превозот до факултетот… да не зборуваме за руралните средини. Причината за тоа е вложување премалку буџетски средства, генерално во образованието. Од европските земји, Македонија издвојува најмалку средства како процент од БДП, повеќе само од Албанија. Во споредба со светските држави се наоѓаме во друштво на Авганистан и Парагвај. Состојбата драстично би се променила кога би постоело политичка волја да се зголемат буџетските средства во образованието. Не случајно се вели дека образованието е скапо – но незнаењето е уште поскапо и тука не смее ниту една владеачка елита да штеди“, смета таа.

Гласност за придвижување на подобро

Иако правото на образование, како фундаментално човеково право, би требало да биде достапно до сите без никаква дискриминација, за жал тоа во Македонија не е така, смета заменик-народниот правобранител, Васка Бајрамовска – Мустафа. Праксата, според неа, покажува дека лицата со попреченост не го пронашле своето вистинско место ниту во основното, ниту во средното, а уште помалку во високото образование.

„За жал, кај нас, наставните програми и образовните установи се прават во насока на едно, би рекла, „типично нормално дете“, без да се има во предвид попреченоста или посебната потреба на определено лице. Многу важно е конечно да се тргнат оние стереотипи и предрасуди, овие лица да бидат вклучени во креирањето и на наставните програми, учебници и се останато кое е дел од едно „ефикасно образование“. Нашето општество уште го нема капацитетот за да одговори на сите потреби на лицата со попреченост“, вели таа.

Според неа пристапот и квалитетот на високото образование за лицата со попреченост ќе почне да се менуваат дури откако ќе се променат состојбите во основното и средното образование.

„Во основното образование утврдивме состојба која е разочарувачка. Ние зборуваме за еднаквост, инклузивност, интегрираност… додека во пракса се соочуваме со сепаративни или посебни паралелки. Забрануваме секаков вид дискриминација, но во Законот за основно образование, во наброените основи за дискриминација, попреченоста не е наброена“, посочува Бајрамовска – Мустафа.

Дека не постои волја за промени смета и Теодор, кој мисли дека властите секогаш се занимаваат со она што е во нивна корист и им носи политички поени. Сепак, проблемот го гледа и кај лицата со попреченост кои, во барањето на своите права, треба да бидат погласни и поактивни.

„Кај нас под лице со инвалидитет се подразбира лице кое бара хуманитарна помош на утринска емисија. Кај нас тоа не значи образован човек, со забавен живот, со позитивни работи и тоа дава едно сеопфатно гледиште на една маргинализирана група со тоа што не нема меѓу народот. Да дојдеме десет на факултет, веќе единаесетиот ќе добие услови, зошто ќе видат дека е понапорно да ги креваат, отколку да направат рампа. Чисто се сомневам дека власта ќе се нафати на таква работа се додека нив не им гори под нозе и немаат некоја корист“, вели тој.

За тоа што по завршување на факултетот, Теодор нема одговор. Вели дека сè уште не постои некое тело кое би ги насочило лицата со попреченост каде тие би биле најадекватни на пазарот на трудот и каде најмногу би допринеле за општеството.

„Така и ние би се почуствувале покорисни. Тогаш некое лице со попреченост би можело да стигне и на функција, па самите да си регулираме каде ни се потребни рампи и да си ги бркаме работите. Не да барам милостина од некој кој нема никаков допир со нашите проблеми“, заклучува идниот правник.

Даниел Евросимоски