[Став] Не ги користете бегалците за политички цели

Пишува Јасмин Реџепи за Ал Џазира

Овие денови во македонските медиуми и на социјалните мрежи се забележува голем раст на ксенофобија и исламофобија насочена кон бегалците и илегалните мигранти. Такво нешто не се случи, дури и во екот на бегалската криза во 2015 година, кога низ земјата транзитираа и 13.000 бегалци во рок од 24 часа.

Се започна кога Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија ја усвои предлог Стратегијата за интеграција на бегалци и странци 2017-2027. Министерството не остави простор за забелешките на граѓанскиот сектор и институциите, пред да ја донесе конечната верзија која би се разгледувала и одобрила во парламентот.

Стратегијата сама по себе е направена во соработка со УНХЦР и главно се занимава со реалните проблеми и потреби на барателите на азил. Обработувајќи ги четирите основни области: вдомување, образование, вработување и обука и натурализација и интеграција, ги поправа сите недостатоци на претходната стратегија и го забрзува процесот на интеграција.

Имајќи во предвид дека не поминале ни првите сто дена од промената на власта и дека се распишани локални избори за 15 октомври, политичките партии веќе ја започнаа изборната кампања. Еден начин да се дефокусира јавноста одбраа да биде прашањето за бегалците, а особено на новата стратегија на Министерството за труд и социјална политика за интеграција на бегалци.

Ширење страв

За таа цел, свикана е Комисијата за труд и социјална политика да се анализира стратегијата. Со тоа што е свикана пред време, повредени се парламентарните процедури и договори за работа, но невладините организации се воздржаа од активно учество во дискусијата, особено откако беа изложени на забелешки.

Некои од нив се неосновани, како што е тврдењето дека ЕУ прави притисок во Македонија да се преселат 10.000 бегалци, што ќе резултира со промена на демографијата на земјата; а потоа да се користат пари од буџетот за изградба на станови и создавање на нови работни места за бегалци, па до тоа дека толкав број бегалци се безбедносно прашање, бидејќи тие нема да имаат начин да утврдат кои од нив се терористи, а дека тоа е дел од благо индоктринирани екстремистички идеологии. Ова покажува дека немаат сериозни забелешки за документот, туку дека тоа е со намера да се постигне страв кај граѓаните.

Прашањето за бегалците е само уште едно во низата обиди за дефокусирање на јавноста од вистинските политички проблеми, како што се договорот со Бугарија и Законот за јазиците. Свесните и хумани граѓани се згрозени од овој чин на политизирање на таквите ранливи категории на луѓе.

Сите политички партии треба да имаат на ум дека сите сме свесни дека сега се наоѓаме во различна политичка ситуација и дека едните ги боли што ја изгубиле својата моќ, а другите ги фати еуфорија и трчаат по позиција на моќ, но тоа е нивен партиски проблем.

Транзитен пат

Бегалците и нелегалните мигранти немаат никаква врска со тоа, па затоа љубезно ве молам, како што досега не биле предмет на изборна кампања, така да биде и понатаму, не ги користете бегалците во вашите дневни политички препирки. Одржувајте ја политичката етика на позитивно ниво како порано. Не бидете причина за ширење на ксенофобија меѓу граѓаните.

Ние, како граѓански активисти, кои сме дел од секторот што се грижеше, се грижи и ќе продолжи да се грижи за правата и статусот на овие луѓе, бевме максимално посветени на тоа да нашата држава најдобро се снајде во бегалската криза преку соработка и помагање на сите институции. Ние бевме критични, баравме да се почитуваат меѓународните конвенции и стандарди, но и воедно да обезбедиме најдобри решенија за проблемите и предизвиците кои земјата ги прифати и не се покаја.

Македонија никогаш не била дестинација за бегалците од Блискиот Исток, туку само дел од трасата за транзит. Тоа ќе остане така се додека и нашите граѓани бегаат од својата земја во ЕУ како резултат на економските проблеми. Нема причина за страв од населување на десетина илјади бегалци.

Никој, дури ни ЕУ, нема право да задржи некој овде со сила, нешто против кое бевме кога во март 2016 се затвори балканската рута и во Македонија останаа заглавени 1.500 бегалци во транзитните центри и без право на слобода на движење. Тоа е кршење на основните човекови права, особено луѓето кои никого не повредиле. Од 1.500 бегалци, по 16 месеци, останаа само шест од нив, кои чекаат одговор на нивните барања за азил.

„Да се спаси жива глава не е тероризам”

Во однос на средствата од државниот буџет за вдомување, интеграција и вработување на бегалците на сметка на граѓаните, треба да знаете дека оваа стратегија не предвидува такво нешто. Во таков случај, како и во претходните искуства за време на бегалската криза од почетокот и на крајот на деведесеттите во поранешна Југославија, и доаѓањето на бегалци од Блискиот Исток во 2015 година, поголемиот дел од трошоците се на товар на меѓународни организации и странски донатори. И тогаш, како и сега, граѓаните и државата имаат само корист од сето тоа.

Во однос на безбедноста, никогаш не е забележано дека некој од бегалците повредил македонски државјанин, но затоа имаме стотици регистрирани случаи на грабежи, физички напади на бегалци и нелегални мигранти кои беа извршени од наши криминогени сограѓани, а од кои затворите се полни. Бегалците се жртви на тероризам во нивните земји, а не терористи или екстремисти. Да се спаси жива глава не е тероризам, ниту екстремизам.

Усвојувањето на стратегии и закони кои ги гарантираат правата на бегалците и илегалните мигранти, како дел од многуте реформи кои треба да ја приближат Македонија до евро-атлантската интеграција, само ќе го подобри статусот на нашата земја на меѓународно ниво, без било каква штета на граѓаните. Нашата соработка и придонес во државните институции и покрај предизвиците, и понатаму ќе продолжи да биде на максимално ниво, во рамките на потпишаниот меморандум за соработка, не нарушувајќи заеднички интерес на државата, граѓаните и бегалците.