Награда за македонскиот документарец „Медена земја“

Македонскиот документарен филм „Медена земја“ (Honeyland) на настанот „CineLink Work-in-Progress“, дел од  Сараевскиот филмски фестивал, ја освои највредната парична награда на фестивалот, наградата на Турската национална телевизија (TRT) во висина од 30.000 евра.

Снимањето на документарниот филм започна во 2015 година во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија, проект на швајцарската агенција за развој и соработка (SDC). Главната идеја на документарниот филм е да се прикаже припадноста на човекот кон природата преку посебноста на односот кој тој го има кон неа и нарушување на тој природен баланс преку судирот на два различни начини на искористување на природните ресурси. Филмот се наоѓа во фаза на пост продукција и финансиски е поддржан од страна на Програмата за зачувување на природата во Македонија. Дополнително поднесена е и апликација до Агенцијата за филм на РМ за обезбедување средства за довршување на филмот.

Филмот е во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, камерата е на Фејми Даут и Самир Љума, а музиката на Фолтин. Продуценти се Љубо Стефанов и Атанас Георгиев преку Аполо Media и Trice Films.