Стотици сега разведени парови се принудени да се смират во Чеченија, откако лидерот на регионот, Рамзан Кадиров, ги стави разводите на „црната листа“ на социјални проблеми.
Државна телевизија објави дека 948 поранешни парови морале пак да стапат во брак поради строгата програма за „семејно помирување“, потпишана од Кадиров.
Програмата започнала во јуни. Една од причините за неа, според Кадиров, е што „децата кои се воспитани од родители во брак се поотпорни на екстремизам“.
„Мора да ги разбудиме луѓето, да им пристапиме и да им објасниме. Мора да ги вратиме жените на сопрузите кои ги оставиле и да ги смириме. Ова е најголем приоритет“, вели тој.
Владеењето на Кадиров во Чеченија, претежно муслимански регион, станува сè поавторитарен. Назначен од рускиот претседател Владимир Путин да го води автономниот регион, Кадиров се труди да го потисне исламскиот екстремизам како негова главна задача во мандатот.
Специјални комисии за „хармонизација на бракот и семејните врски“ се оформени со помош на религиозните фигури преку летото, за да ја спроведат програмата.
Рустам Абазов, директорот на Чеченскиот оддел за врски со религиозните и социјалните организации, вели дека сите разведени граѓани биле поканети во штабот на програмата одделно, на средби со мула каде биле повикани да се смират со поранешните партнери.
Додава дека разводите и разделбите се пријавувале на Комисијата преку доверлива веб страница, и го поздравува Кадиров за „успехот“.
„Програмата е толку јасно развиена од Рамзан Акматович Кадиров, што апсолутно никакви проблеми не се појавија при нејзината имплементација. Би сакал да потенцирам дека ниту една земја во светот досега немала таква програма“.
Сепак, жени пријавуваат во локалните програми дека се приморани да се вратат на поранешните сопрузи, само поради притисокот кој им е ставен „да го направат тоа за доброто на децата“.
Жена, именувана само како Зарима, вели: „Јасно е дека кога сите ти создаваат притисок, мора да се согласиш. Прашањето е колку може да трае овој повторен брак“, вели таа.