На последната вечер на осмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ и, според организаторите, веројатно последна во наредните неколку години во објектот на Куршумли-ан, беа доделени награди во пет категории.
Главната награда „Кромид“ ја освои филмот „21 х Њујорк“ на полскиот режисер Пјотр Стасик.
„Во силната конкуренција на исклучително авторски интонирани документарни филмови, жирито наградата ја доделува на филмот „21 х Њујорк“ на режисерот Пјотр Стасик од Полска, имајќи ја предвид, пред сѐ, мајсторска усогласеност на синестетичкиот и визуелно рафинираниот филмски израз со слоевитоста и повеќезначноста на темата и содржината на филмот. Филмот на Пјотр Стасик подеднакво супериорно зрачи колку со емотивните толку и со своите интелектуални димензии“, образложи жирито.
Наградата „Млад кромид“, за најдобар филм од млад автор, ја освоија тројцата режисери на грузискиот документарен филм „Кога земјата се чини лесна“ – Саломе Мачаиџе, Тамуна Карумиџе и Давид Мески.
„Блиски врски“ на Зофија Ковалевска од Полска беше прогласен од жирито за најдобар студентски документарен филм и му ја додели наградата „Кокарче“.
За прв пат годинава, на „МакеДокс“ беше доделена и награда „Сечкан кромид“, за краток документарен филм, на филмот „Не сум од овде“ на Ѓидре Жискате и Маите Алберди, со едногласна одлука на жирито.
Специјално признание во селекцијата на кратки документарци доби филмот „Цуцли“ на шпанскиот автор Ксавиер Марадес, заради неговата визуелна нарација.
Сите филмови на „МакеДокс“ влегуваат во конкуренција за Награда за етички идеи, за која одлучуваше жири во состав: Анета Дучевска, Брина Вогелник и Вито Флакер. Наградата ја доби филмот „Машини“ од авторот Рахул Јаин од Индија.
„Наградите што секоја година ги доделуваме на последната вечер на фестивалот се инспирирани од нашиот симбол – кромидот, кој со својата повеќеслојност асоцира на различните нивоа на филмското дело, но и на различните нивоа на фестивалот“, рече Петра Селишкар, селекторка на филмската програма на „МакеДокс“.
На последната вечер на „МакеДокс“ беа претставени и резултатите, односно фотографиите кои произлегоа од работилницата „Камера опскура“, која ја водеше фотографот Сашо Н. Алушевски.
Осмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ беше поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија, МЕДИА – потпрограма на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон и Град Скопје.