Неврална мрежа ја напиша шестата книга на „Песна за мразот и огнот“ пред Џорџ Р.Р. Мартин

Само неколку минути после завршувањето на седмата сезона на серијата „Игра на тронови“, обожавателите беа разочарани од вестите дека наредната епизода ќе се емитува дури на пролет во 2019.

За читателите на серијалот романи „Песна за мразот и огнот“, на кој е основана серијата, тоа чекање не е ништо. Петтиот роман во серијалот, „Танц со змејови“, беше објавен во 2011 година, а авторот Џорџ Р.Р. Мартин сè уште ја пишува „Ветровите на зимата“, без финален датум да биде објавен. Без нов материјал, продуцентите на телевизиското шоу ја движеа приказната напред без помош од писателот од шестата сезона.

Уморен од чекањето и „вооружен“ со технологија, софтверскиот инженер Зек Таут тренира повторувачка неврална мрежа (recurrent neural network – RNN), да ги предвиди настаните на незавршениот шести роман.

„Јас сум огромен фан на „Игра на тронови“, и на книгите и на шоуто“, вели Таут, кој штотуку заврши курс за работа на вештачка интелигенција и длабоко учење, па го искористил тоа за проектот. „Имам работено со RNN системи на час и помислив дека треба да се обидам да го направам истото со книгите“.

Невралните мрежи се класа на алгоритми кои учат, моделирани според човечкиот мозок, а повторувачките неврални мрежи се субкласа која функционира добро со секвенци на податоци, како текст.

Таут работи со вид на неврална мрежа која има подобро сеќавање. Во теорија, овој вид на меморија може да ја спречи мрежата од повторување на настани кои веќе се случиле, овозможувајќи ѝ на генерираната книга да биде продолжување на приказната, место алтернативна верзија на веќе објавените дела.

Во овој смисол, мрежата се обидува да напише вистински продолженија, иако очигледно „се сопнува“ одвреме навреме. На пример, во некои случаи пишувала за ликови кои веќе умреле.

„Се труди да напише нова книга. Перфектен модел би земал сè што се случило во книгата предвид, и не би пишувал за ликовите како да се живи, кога умреле пред две книги“, вели Таут. „Реалноста, сепак, е дека моделот не е доволно добар за да го направи тоа. Ако моделот беше толку добар, писателите би биле во опасност. Сепак, мрежата прави многу грешки бидејќи технологија која може да памти комплицирани заплети и повеќе од милион зборови сè уште не постои“, заклучува тој.

Таут веќе објави пет поглавја од вештачки напишаната книга на GitHub, каде го објаснил проектот. Мрежата работела според 5.376 страници досегашен материјал.