Реклама која ги повикува Австралијците да гласаат против легализација на истополовите бракови е критикувана, бидејќи ја поврзува дебатата со „учење на децата во училиште да бидат геј“.
Австралија ќе одржи необврзувачко гласање наредниот месец за да ја тестира поддршката на граѓаните во однос на истополовите бракови. Кампањата Против ја објави својата прва реклама, која отвори интензивна дискусија.
Критичарите велат дека неоправдано ја поврзува дебатата со училишните образовни програми. Трае 30 секунди и е платена од лоби групата Коалиција за брак. Во неа, три жени ги искажуваат своите грижи за сексуалното образование во училниците.
Едната жена вели: „Училиштето му кажа на син ми дека може да носи фустан наредната година, ако така се чувствува“. Друга вели: „Кога истополовите бракови стануваат легални на другите континенти, ваквата програма станува широко распространета и задолжителна“.
Рекламата завршува со пораката: „Во земјите каде е дозволен хомосексуалниот брак, родителите го изгубија правото на избор“. Докази за тврдењата во рекламата не се приложени.
Лобистите за истополов брак ја критикуваат рекламата бидејќи наведува на неосновани размислувања и е незначајна за кампањата.
„Знаат дека мнозинството Австралијци ја поддржуваат еднаквоста, па се обидуваат да ја деконцентрираат нацијата со нечесни тврдења“, вели портпарол на лоби групата Кампања за еднаквост.
Лидерот на опозицијата, Бил Шортен, вели дека рекламата е „навредлива и штетна“ за ЛГБТ Австралијците и нивните семејства.
„Ова не е слобода на говор. Ова е слобода да се повредува“, вели тој.
Министерот за образование, Сајмон Бирмингем, вели дека дебатата е едноставна и не смее да се помеша со нешто друго.
„Смешно е да се сугрира дека со дозволување на истополовите парови да стапат во брак, на некој начин ќе предизвика некоја нова наставна реформа низ државата“, заклучува тој.