Еко-перформанс „Cirque d’Ohrid“ за еколошки свесни граѓани

Во паркчето пред хотелот Палас во Охрид, утре од 19:30 часот ќе се одржи еко-хепенинг.  Креативниот перформанс „Cirque d’Ohrid“ во 19:30 часот ќе го почнат неколку циркови артисти на кои ќе им се придружат статисти и со соодветна кореографија ќе ја раскажат приказната на трската.

Истовремено, на видеобимот ќе се прикажува соодветна и селектирана 15-минутна програма. Перформансот завршува со наратор и краток триминутен еко-филм. Целта на овој настан, велат организаторите, е да се влијае на еколошката свест, особено кај младите, но и сите да се потсетиме на исклучителните природни вредности на Охридското Езеро. Настанот се одржува на Денот на трската, а слоганот е „трскава врската“, што самото е и анаграм.

„Сакаме да кажеме дека животот и опстанокот на одредени видови флора и фауна во езерото, па на крај и на самото езеро, зависи од одржувањето на здрави и доволно големи појаси трска. И таква е поврзаноста, т.е. врската меѓу уништувањето на трската и уништувањето на езерото“, велат од Здружението „ЕДЕН“ за Радио МОФ.

Перформансот е воедно и најава за почетокот на новата сезона за Охрид.

„Туристичката сезона во регион со исклучителни и светски признати природни вредности не смее да трае еден месец. На регионот му е неопходен целогодишен еко-туризам! Неопходни му се помалку туристи кои се спремни да платат повеќе! Регионот е целосно несоодветен за евтин масовен туризам и затоа таквите пакети мора што побрзо да се исклучат од понудата!“, стои во најавата за настанот.

Инаку, специјално за настанот ќе бидат изработени маици со еко-пораки, како и картички од садлива хартија. Маиците ќе се разменуваат за донација од 300 денари кои целосно ќе се искористат за активностите на Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ. Со секоја донација за маица граѓаните ќе добиваат бесплатно картичка од садлива хартија.

„Дојдете да се забавуваме и заедно да учиме како да бидеме активни граѓани!“, повикуваат организаторите.

Организатори на настанот се: Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ, ЗУМД ТАКТ и Здружение за заштита на животните и животната средина ЕДЕН, поддржани преку програмата Цивика мобилитас, Фондацијата Хајнрих Бел и Global Greengrants Fund.