Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, кој годинава одбележа половина век постоење на својата летна школа, ќе прерасне во Македонистички центар „Македоникум“, најави проф. д-р Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик при Владата на Република Македонија, презентирајќи ги мерките на Советот за подобрување на состојбата на македонскиот јазик кои Владата ги поддржала, пренесува Мета.
Како што најави Спасов, и понатаму ќе се одржува летната школа за странци, кои би биле стипендирани од Владата, но во рамките на „Македоникум“ се планира и постојана школа за изучување на македонскиот јазик како странски, а ќе се отвори и центар за постојана обука на лекторите по македонски јазик во странство. Во рамките на реформираниот семинар за македонски јазик ќе се отвори и летен камп за подука по македонски јазик за македонските деца кои живеат надвор од границите на Македонија, а се предвидува и издавачка дејност на македонистичкиот центар.
На Меѓународниот семинар годинава учествуваа 74 учесници, а во сите 50 изданија досега учествувале повеќе од 4.000 учесници од повеќе од 50 земји, меѓу кои истакнати македонисти, професори по македонски јазик и литература на странските универзитети, слависти, балканисти, преведувачи, научни работници и студенти што го изучуваат македонскиот јазик низ лекторатите во светот.