13 граѓански иницијативи и здруженија побараа од Владата да преземе итни и конкретни чекори за подобрување на состојбата со животната средина во Македонија, со акцент на екстремно загадениот воздух и почва.
Барањата се детализирани и со рок на исполнување до крајот на 2017, крајот на март 2018 и крајот на јуни 2018.
„Со оглед на хронично алармантно висока загаденост на воздухот во Република Македонија, бараме итни подобрувања на квалитетот на воздухот и на почвата, чие влијание е недвојбено врзано за квалитетот на воздухот“, велат иницијаторите.
Од иницијативите и граѓанските организации бараат промени во повеќе сегменти:
ЛЕГИСЛАТИВА
– Целосно ревидирање на легислативата поврзана со животната средина. Нејзино усогласување, елиминирање на спротивставени одредби во други закони и утврдување на потреби од суштински дополнувања, измени, воведување нова легислатива и сл.
КРИТИЧНИ ИЗВОРИ НА ЗАГАДУВАЊЕ
– Ремедијација на ОХИС, Скопје и Топилница, Велес како најризични од 16 индустриски жешки точки и започнување/продолжување на процесот кај останатите до комплетна санација.
– Усогласување на оперативниот план на РЕК Битола за А-ИСКЗ, филтри и затворен систем на отпрашување.
– Дислокација на загадувачката индустрија надвор од населените места, минимум 10 километри вон границите. Дислокација на фирмите за отпад вон населените места.
– Раскинување на постојните договори за концесии и запирање на отворање на нови рудници за јаглен и металички минерални суровини. Забрана за рудници од површински коп и употреба на цијанид.
– Забрана за движење низ градските средини на сите мобилни извори кои загадуваат под ЕУРО 3 стандард, почнувајќи од Скопје, вклучително мобилната механизација во индустријата, градежништвото и сл.
УРБАНИЗАМ И ЗАШТИТА
– Мораториум на градење, првенствено во Скопје и Охрид до комплетна ревизија на донесените ДУПови, особено СОВЖС и мандаторно вклучување во оценувањето на влијанието на климатските промени.
– Заштита на природата, на шумите, на реките, на езерата, на биодиверзитетот, на автохтоните видови, создавање на биокоридори, особено долж реките, поврзани делови низ цела држава кои ќе овозможат непречено движење и пренесување на животинските и растителни видови.
ЗЕЛЕНА ЕКОНОМИЈА
– Инвестирање и субвенционирање во одржлив туризам, органско земјоделство, обновливи извори на енергија, индивидуално производство на електрична енергија од сонце и ветер.
СОЦИЈАЛЕН АСПЕКТ
– Запирање на горењето на отпад, гуми, кабли од страна на ромската популација долж реката Вардар во Град Скопје и на други локации низ Македонија со нивно социјално згрижување и вклучување во обрзовниот систем и пазарот на труд. Вработувања во секторот на селектирање на отпад.
– Субвенционирање на ранливи категории во тек на грејната сезона со почисти извори на енергија, замена на печки, енергетска ефикасност.
ТРАНСПАРЕНТНОСТ
– Зголемување на транспарентноста на институциите и овозможување лесен и брз пристапот до информации, со еден клик, соработка со граѓанскиот сектор, формирање на работни групи за учествуво при изработка и измена на закони, прописи, стратешки документи и друго.
ИНСТИТУЦИОНАЛНА ЕКИПИРАНОСТ
– Обезбедување на доволно финансиски средства, резервни делови за мерните инструменти за континуирано мерење на квалитетот на воздухот и другите медиуми на животна средина, зајакнување со стручен кадар, персонал, опрема, обуки, стручна и подготвена инспекција за спроведување на сите проекти насочени кон ремедијација на деградираната животна средина, заштита на животната средина, мониторинг и информирање.
Потписници на барањата се следниве 13 иницијативи и граѓански здруженија:
Граѓанска иницијатива “Стоп на загадувањето”
Граѓанска иницијатива “Воздух сега”
Граѓанска иницијатива “Ние сме Карпош 4”
Граѓанска иницијатива “Охрид ЅОЅ”
Здружение за развој и активно делување и поттикнување на граѓанскиот сектор ЗА НАС СЕ РАБОТИ – Битола
Граѓанска иницијатива “Lëvizja Nëna dhe Fëmija – Tetovë/Мајка и дете – Тетово”
Здружение Прва детска амбасада во светот МЕЃАШИ – Скопје
Еколошко здружение – Движење ECO GUERILLA – Tetovë / ЕКО ГЕРИЛА – Тетово
Граѓанска иницијатива “Скопје Смог Аларм”
Граѓанска иницијатива “Спас за Водно”
Граѓанска иницијатива “Куманово бара чист воздух / Kumanova kërkon ajër të pastërt”
Здружение за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н.
Граѓанска иницијатива “O2 Коалиција за чист воздух”
Документот со целосниот список на барања, во кој се наведени детални предлози и конкретни рокови, може да ја најдете ОВДЕ.