„Birdie“ е мултимедиумски перформанс на трупата „Senor Serrano” од Барселона, Шпанија. Низ нешто повеќе од еден час, преку нарација, видео-проекции, практични ефекти и над 2000 минијатурни пластични играчки, трочлената екипа ја раскажува приказната за шпанскиот град Мелиља, енклава која се наоѓа на јужната страна на Медитеранското море. Истовремено, перформансот збори за контрастот меѓу комотниот живот на граѓаните на градот, и патешествијатана дојденците кои, по некоја случајност, се појавуваат на оградата од еден од голф-терените во градот. Сè тоа пропратено со референци за Хичкоковиот “The Birds”,климатските промени, војните и немирите во светот.
Во соработка со МКЦ, добивме пристап до четири од претставите кои ќе играат на овогодинешното издание на театарскиот фестивал Млад отворен театар. Како најава за фестивалот, го објавуваме првиот од серијата текстови на Атанас Димитров и Јована Ѓорѓиовска, преку кои сакаме да Ви ги доближиме претставите кои ќе бидат изведени на фестивалот. Текстовите се наоѓаат на пола пат меѓу критичкиот, рецензиски пристап и личниот осврт, перцепција за театарските дела.
Современиот театар е, пред се, огледало на духот на времето на нашата цивилизација. Изминативе години, силен печат во тој дух оставија судбините на бегалците Сириската граѓанска војна. На свој начин, оставија печат на сечија душа. Особено, се чини, на уметниците од „Senor Serrano“. Но, уште нешто знаат овие уметници, нешто што станува јасно уште од првите минути на претставата. Знаат дека Сирија е само последната алка на синџирот на циклуси, на егзодуси. Дека судбините на бегалците се симбол за нешто поголемо, нешто кое се протега назад во минатото и ќе продолжи да се случува во иднината. Токму така и „Birdie“ ја истражува оваа тематика – како публика, следиме една огромна, фантастична миграција во која не учествуваат само луѓето, туку целиот жив свет, тој што бил и тој што ќе биде.
За мене, токму ова последното е најинтересниот дел во претставата. Екипата од „Senor Serrano“ полека го шири концентричниот круг на промена и миграции до Големата експлозија и назад, така што станува речиси невозможно за гледачот лесно да ја одмине оваа генерална идеја на константна промена. Особено во средишните делови од претставата, кои се маестрално изведени за да предизвикаат рефлексивно патешествие во дупката на белиот зајак. Сепак, главниот фактор во тоа дали одличните визуелизации и добрите звучни ефекти ќе ја инспирираат публиката за интроспекција е леснотијата со која секој гледач ќе воспостави врска со Senor Serrano и тематиката што претставата ја обработува. Затоа претставата ја доживеав малку наивно, и поради тоа, претенциозно: претпоставката дека сите присутни ќе бидат трогнати и мотивирани активно да учествуваат во решавањето на проблемите на човештвото, може да биде погубна.
Мислам дека не станува збор за претенциозност, толку колку што е недостиг на некоја поразвиена идеја. Сржта е тука, главниот концепт е јасен, но недостига длабочина. Во претставата има обид да се прошири наративот преку приказните на луѓето на различните страни од проблемот, но, барем за мене, не е доволно само да се залепат тие парчиња на целината. Недостига кохезија. Во напорот да се истакне главното прашање изостануваат останатите страни, а велат, ѓаволот е во деталите. Особено во ова време кога сме преоптоварени со информации за секоја ситуација, за секој конфликт, кога публиката е десензитирана, мора да се понуди свеж поглед, покомплексна анализа.
Tокму поради тој страв дека луѓето се веќе десензибилизирани за туѓите проблеми, имам личен проблем со сите проекти чија главна цел е „подигнување на јавната свест“. Едноставно, сметам дека ова повеќе не е доволно, особено не во период во кој доминираат природни непогоди, политичари кои се натпреваруваат во тоа кој повеќе ќе наштети на другиот и неверојатно голема општествена поларизираност по сите можни критериуми. Од друга страна пак, сакам силно да верувам во тоа дека искрена обработка на туѓите проблеми, каков што е случајот со „Birdie“, e доволна барем за отворање на дискусија на подлабоки прашања. Како на пример, дали, како човештво, ќе не излаже примамливоста на максимата „Посилниот преживува“, или можеби посилните ќе одлучат да помогнат на послабите и така да ја унапредат иднината за сите..
Тоа што ја прави вредна за гледање Birdie е токму тој пристап. Дури и мааните кои ми пречеа во текот на претставата не ме/не сопреа од тоа да збориме за неа последниве две недели. Којзнае, можеби тоа е и намерата на екипата на „Senor Serrano“. Да продолжиме да говориме за нешто долго откако ќе го доживееме. Од друга страна, ќе повторам, импресивниот перформанс, човечкиот момент, можат да ја однесат претставата само до одредена далечина. Во критичниот момент, откако ќе ја зграбите публиката, откако ќе и го отворите срцето на страдањето и на дискрепанцата меѓу тие кои имаат се и тие кои изгубиле се, морате да понудите нешто – решение, анализа, предизвик, што и да е. Тоа недостасува на „Birdie“. Идејата да се прошири, да ги рашири своите крилја и да полета. Дали тоа значи дека „Birdie“ е лоша претстава? Не, напротив. Дали вреди да ја гледате? Да, поради инвентивниот начин на кој се изведува и поради искрената страст со која е поставена.
Причина плус: Birdie нуди едно свежо и несекојдневно искуство на модерен театар кој ретко се гледа во Македонија, а уште поретко е така професионално изведен.
Претставата Birdie ќе се игра во МКЦ, овој петок (29 септември), од 22:00. Повеќе информации за овогодинешното издание на фестивалот Млад отворен театар се достапни на mot.mk