Изложба „Низ четката на преспанските уметници“ во Ресен

Во Ресенскиот сарај синоќа беше отворена шестата ликовна изложба „Низ четката на преспанските уметници“, организирана од Домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен.

Убавините на Преспа се претставени на делата на 20-ина ликовни уметници кои учествуваат на изложбата. Шестгодишната традиција на организирање роднокрајна уметничка изложба веќе трета година по ред ги опфаќа делата кои беа создадени на ликовната работилница која годинава се одржа во прекрасниот планински предел кај Крстот над селото Подмочани, во пазувите на Баба Планина.

Васко Василевски, директор на Домот на културата, истакна дека ваквите изложби служат да го инспирираат секој кој во себе ја негува љубовта кон ликовната уметност, да не се откажува, да создава, сеедно која е неговата возраст, пол, образование или работа.

„Ресен отсекогаш бил и ќе биде една мултикултурна и мултиетничка средина, во која сознанијата за секоја, па така и за ликовната уметност, меѓу себе ја споделуваат Македонци, Турци, Албанци, па дури и странци кои се нашле на оваа наша територија. Домот на културата „Драги Тозија“ изминатите години навистина стана храм на уметноста. Направивме многу, за што говорат бројките на одржани настани, а уште повеќе присуството на публиката, што е наше најголемо задоволство. Наша заложба ќе остане и натаму да бидеме културниот столб на Преспа, да носиме нови содржини, да се соочуваме со нови предизвици и да покажеме дека жителите на Преспа заслужуваат многу повеќе отколку само да бидат поврзувани со земјоделство или политика“, рече Василевски.

За изложбата е објавен и каталог, а нејзиното отворање е дел од активностите на почетокот на Ресенскиот јаболкобер, кој официјално почнува денеска.