[Видео] „Гринбокс“: Колку зелени површини изгуби Скопје во последните десет години

Невладината организација „Гринбокс“ објави кратко видео преку кое визуелно прикажува како зелените површини во Скопје се намалуваа во изминатите десетина години.

„Во последните десет години жителите на главниот град се сведоци на опсежни и коренити промени во урбанизмот и архитектурата особено на јавните простори во своите средини. Најчесто овие промени се на сметка на површините со урбано зеленило. Повеќе мали паркови меѓу градските блокови во повеќе скопски општини се претворија во градежни парцели на кои наместо дрвја, никнаа административни, комерцијални или станбени блокови. Во најголем дел од случаите, инвеститорите меѓу кои најчесто се јавуваат институции од централната власт, не се бидоа да надоместат дел од урбаното зеленило, уништено при градбата на објектите“, се вели во најавата на видеото на „Гринбокс“.

 

Posted by Greenbox Nvo on Wednesday, September 27, 2017

Тие со помош на апликацијата „Вивасити“ даваат увид во големите промени во Скопје, прикажувајќи ги Деталните урбанистички планови во дел од општините Центар, Аеродром и Карпош, споредени со реалната состојба на теренот преку „Гугл“ мапите.

Апликацијата е изработена во рамки на истоимениот проект, спроведен од „Гринбокс“, а финансиран од програмата Цивика мобилитас.

Од „Гринбокс“ ги охрабруваат и останатите граѓани да ја преземат апликацијата и да испратат нивни предлог локации за мапирање каде се извршиле промени на сметка на јавните простори.