Неколку дена пред почетокот на новата школска година, Мерв, наставничка по биологија во осмо одделение, ги врти страниците на нејзиниот стар учебник по предметот. Се појавува слика од жирафа, покрај неколку параграфи за Чарлс Дарвин.
Предавањето еволуција во доминантно муслиманска држава, каде, според студија од 2010 година, шест од десет луѓе се сметаат себеси за креационисти, никогаш не било лесно.
Од сега, веќе нема да биде ни возможно.
Со новата наставна програма избирашни се сите текстови поврзани со Дарвин и еволуцијата. Таквите лекции биле „претешки за сфаќање“ од младите студенти, изјави шефот на турското Биро за образование.
Мерв вели дека нејзините раце сега се врзани. „Нема начин да разговараме за еволуцијата“.
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, во повеќе наврати јасно кажа дека сака да гради „побожни генерации“ млади Турци. Направи многу во таа насока.
„Министерството за образование е сè поблиску поврзано со исламските невладини организации и со Директоратот за религиски прашања“, вели Ферај Ајтекин Ајдоган, предводникот на левичарскиот синдикат на наставници.
Посетеноста на таканаречените имам хатип училишта, кои служат за обуки на муслимански проповедници, се во пораст од околу 60.000 во 2002 година, на преку 1,1 милион денес, или околу десет проценти од сите ученици во државните училишта.
Владата го снижи критериумот за минималната бројка на жители во местата, која е потребна за отворање такви училишта, од 50.000 на 5.000. Реформа од претходно ја снижи возраста на која децата можат да почнат да ги посетуваат овие училишта – од 14 на 10 години.
Новата наставна програма ги шокираше турските либерали и секуларисти. Од оваа година па во иднина, децата од шестгодишна возраст ќе учат за минатогодишниот неуспешен обид за пуч – веројатно без да бидат вклучени и информациите за масовните „чистки“ и апсења кои следуваа. Имам хатип учениците, во меѓувреме, ќе учат за концептот за џихад. (Министерството за образование вели дека поимот, кој се користи и за личната борба против гревовите, бил погрешно употребуван). Модул за животот на пророкот Мухамед ќе ги учи истите ученици дека муслиманите треба да избегнуваат да стапуваат во брак со атеисти и дека жените треба да се покоруваат на нивните сопрузи.
Училиштата станаа и мета на акцијата за градење џамии на Ердоган. Според ново правило, сите училишта мораат да имаат соби за молитва, одвоени според полот.
„Мешањето на религијата во образованието никогаш не било олку видливо и олку длабоко“, вели Батуан Ајадаѓул, од Иницијативата за образовни реформи, тинк-тенк организација од Истанбул.
За време на првата декада на власт, Партијата на правдата и развојот (АКП) на Ердоган навистина внесе големи подобрувања во државното образование. Додека економијата цветаше, милиони Турци се извлекоа од сиромаштија. Многу млади Турци, особено девојките, почнаа да одат на училиште. Потрошувачката се зголеми и илјадници нови училишта беа отворени.
Сепак, оттогаш, прогресот стагнира. Успешноста на учениците која, според ПИСА тестовите, се подобрувала до 2012, во 2015 опаѓа. Турските ученици биле предпоследни помеѓу сите земји членки на ОЕЦД таа година.
Предходната наставна програма била повеќе насочена на критичко мислење. Новата програма го враќа образованието кон механичко учење.
Турските родители се жалат на нестручни наставници, мало внимание на јазиците и преполни училници. (Отказите за 30 илјади наставници осомничени за приврзаност со дисиденти од обидот за пуч не помогна). Многумина сега се концентрираат на приватни училишта.
Деврим Ертекин, вработен во фармацевтска компанија, го запишал својот шестгодишен син во приватна градинка во Истанбул и покрај тоа што сумата за школарина претставува голем дел од неговите приходи.
„Веќе немаме доверба во училишниот систем“, вели тој.
Ова чувство изгледа распространето. Бројот на средношколци од Турција во приватно образование пораснал од 7% во 2011 година, на 20% лани.
Турските училишта можеби потфрлаат, но во очите на Ердоган само нив може да им се верува во подигање на вистински патриоти. „Учениците кои се праќаат на Запад за школување се враќаат како шпиони волонтери на Западот“, изјавил на 25-ти септември.
Тој, сепак, можеби треба да се потсети дека сите четири од неговите деца учат во странство.
Анализата е објавена во магазинот Економист.