Граѓани од повеќе генерации од скопската општина Ѓорче Петров излегоа на мирен протест за да алармираат за безбедноста на улицата „Борис Серафов“ (бивша „4 Јули“).
Локални жители, родители и активисти од иницијативата „Младите за Ѓорче“ истакнаа транспаренти со „Опасност на улица“, „Пази дете“, „Намали ја брзината“… Исто така, симболични натписи и цртежи на улицата имаше и од најмладите граѓани.
„Мораме да го кажеме својот глас. Да кажеме дека на оваа улица сакаме да се промени сообраќајниот режим, да се постави соодветна сигнализација, знаци, се’ што е потребно, затоа што безбедноста на децата е најважна, а потоа безбедноста и на сите останати граѓани, не само на улицава, туку и во општината“, рече локална жителка на протестот.
Граѓаните го изразија својот револт кон Советот на град Скопје, кој, велат тие, пред една година дал одговор до Советот на родители дека ќе се постави сигнализација, но не дал временска рамка.
„Сите може да видат како се одвива сообраќајот. Метежот е ист како на ‘Ѓорче Петров’, која е главна улица. Секојдневно се децата и граѓаните во ризик. Испратени беа неколку барања до Град Скопје. Баравме помош и од општината. Добивме одговори уште минатата година дека ќе биде остварено, меѓутоа поставија во последниве две недели неколку сообраќајни знаци и хоризонтална сигнализација, којашто очигледно не издржа. Може да се види дека почна да се распаѓа. Не се одговори точно на барањето кога точно оваа улица ќе добие семафори, коишто се најсоодветни. Кога Градот Скопје ќе се погрижи за нашите деца и за нивната безбедност?“, рече жителка во име на Советот на родителите.
Родителите и младите од Ѓорче Петров не се откажуваат. Чекаат одговори од властите. Истовремено се надеваат следниот мирен протест ќе биде помасовен и заедно со сограѓаните ќе се борат за побезбеден и поквалитетен живот.