По 20 години молк, култната Светле испеана во песната „Боби, баш ми е гајле“ се произнесе во јавност, велејќи: „Да, сѐ беше мое масло“, алудирајќи на обвинувањата на нејзина сметка и шеговито додавајќи „Сепак, баш ми е гајле“.
Во своето шокантно обраќање до јавноста, Светле се присетува: „Се сеќавам дека во тоа време фатив врски во тогашно ПТТ за Боби да не ги добие поштенски назад книгите и да исчезнат. Мислам дека не му ни требаа, баш во тој период Боби престана со учење, почна да пуши и да се дружи со главните фраери од основно. Денес не знам што се случува со него, ама мислам дека го гледам во една од обложувалниците секој ден. Веројатно си го живее животот како што си го има замислено, а тоа е добро за него“.
Зборувајќи за себе, Светле не штедеше зборови околу нејзините успеси во животот и дека е пример за девојка која знае што сака и напредува во кариерата. „Ете, на пример, само до пред неколку години бев келнерка, а од 2006-та го препознаа мојот талент и станав главен советник во едно од министерствата“, се пофали Светле.
Таа се изјасни и околу своите идни планови: „Засега не планирам брак или деца. Уште ми се поинтересни вечерните излегувања. Предизвик во наредно време ми е да се појавам во шоуа како Големиот брат или Преживеан, да ја претставам Македонија во вистинско светло“.
Во меѓувреме, не успеавме да ја чуеме другата страна, односно Боби, со кого никако не можевме да стигнеме во контакт, како и со девојчето кое сензационално и експлозивно пред 20 години испеа дека воопшто не и е гајле за нејзината ситуација со Боби.
#кромид024