Во просториите на НУ Археолошки Музеј на Македонија на 27 октомври 2017 во 19 часот ќе биде отворена третата изложба на работни археолошки фотографии, во организација на Институтот за археолошки истражувања – Скопје.
Целта на „Archaeology in progress Vol.3“ е да се промовира археологијата и да се претстават најдобрите фотографии изработени на археолошките локалитети низ Македонија и Европа.
„Право на учество имаа сите фотографи кои работеле на археолошки терени, дипломирани археолози како и студенти по археологија од земјава и странство и сите љубители на археологијата и фотографијата. Сите оние кои што работеле на истражување на археолошки терен и имаат некоја интересна работна археолошка фотографија можеа да учествуваат на овој конкурс“, велат од Институтот за археолошки истражувања.
Од 90-ината пристигнати на конкурсот, на изложбата ќе бидат претставени 30 најдобри фотографии. Најдобрите ќе бидат одбрани со стручното жири – Кристијан Тодоров (професионален фотограф) и Ѓорѓи Трпевски (фотограф и камерман во МРТВ), како и со гласање на Фејсбук-страницата на Институтот. За трите најдобри фотографии ќе бидат доделени симболични награди.
Инаку, оваа изложба е финансирана од Националната програма за култура за 2017 година на Министерството за култура, а е поддржана од Археолошкиот Музеј на Македонија.
Изложбата ќе биде отворена за посетители на НУ Археолошки Музеј на Македонија во наредниот месец.
Првото издание на изложбата беше во 2012 година и Институтот цели да стане традиционална.