„Жабец“ во мисија за создавање еколошки освестени деца

Од 1 ноември почнува со работа Детскиот едукативен центар „Жабец“. Тој ќе се фокусира и ќе ја пополнува празнината во детските програми кога се работи за здрава исхрана, рециклажа, енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија, развој на планинарење и велосипедизам.

Претседателот на Здружението „Еко Логик“, Никола Нешкоски за Радио МОФ вели дека ќе работат во насока на еколошки освестени деца. На иновативен начин и програми преку „Жабец“ да произлезе позитивна промена. Смета дека екологијата во моментов не е приоритет во детските центри, образованието и, генерално, во целото општество.

„Затоа, сакаме тоа да се промени и да стане поприфатлива за децата, да ги увидат бенефитите од здрава и квалитетна животна средина. Тоа што не го нудат другите, го нудиме ние. Во другите детски центри воопшто нема или многу минорно е застапена екологијата. Ја нема доволно ниту во формалното образование. Ќе видиме со време каков ќе биде интересот на родителите, бидејќи се уште не е многу атрактивна тема како на пример ‘браинобраин’ и слично“, вели Нешкоски.

Едукација за велосипедизам – дел од активностите од „Еко Логик“

Исто така, потенцира тој, детскиот едукативен центар „Жабец“ има и социјална мисија.

„Во своето работење предвидуваме подобрување и унапредување на разни социјални проблеми и предизвици. И тоа преку теми што ги нема во редовната настава во училиштата, а се од огромна важност за морален, социјален, физички и еколошки развој на децата“, потенцира Нешкоски.

Надополнува дека третина од профитот ќе се насочува кон едукативни активности наменети за ранливи категории – деца без родители, деца на самохрани родители, од фамилии кои се наоѓаат во тешка економска ситуација итн. Затоа, многумина „Жабец“ веќе го карактеризираат и како социјално претпријатие, иако центарот како правен субјект не е одвоен од „Еко Логик“.

Работилница „Произведуваме струја од компири“

„Имаме социјална компонента  – 30 % од уплатите одат на специјална сметка. На крај на јуни, кога ќе заврши школската година и програмата во центарот, идејата е средствата да се искористат за едукативни кампови низ Македонија. Кампови се предвидени за сите заинтересирани, меѓутоа ќе им ги покриваме и на оние кои не можат да си ги дозволат. Колку уплати ќе има за деца во ‘Жабец’, толку повеќе средства и за други деца. Родителите не му помагаат само на своето дете, туку и на други деца“, нагласува Нешкоски од „Еко Логик“.

Ова Здружение веќе реализираше голем дел од активностите предвидени во „Жабец“, но од 1 ноември центарот и официјално стартува со програма во просториите на Природонаучниот музеј. Уписите се во тек, а програмите ќе се одвиваат во две групи од 6-9 и 10-12 години. Термините се од понеделни и среда од 18-19:30 и од 19:30 – 21 часот.

Активности и едукација во природа

Тимот на „Жабец“ посочува дека главни теми се екологијата и спортот, но и избори и комбинација на тема за социјални вештини, правилен раст и развој, здрава исхрана, јога за деца, уметност… Исто така, планирани се и активности во природа, посета на Водно, Матка, парк.

Според „Еко Логик“, научно е докажано дека користењето велосипед секојдневно го подобрува здравјето. Затоа, сметаат потребно е децата да научат за безбедност во сообраќајот, бирање гардероба согласно временските услови, најбезбедна рута од дома до училиште, примарна поправка на велосипедот. Исто така и за велосипедските делови и нивната функција. Децата преку работилници досега учеа и како се лепи дупната гума, кои алати се потребни и како оди процесот – чекор по чекор.

Еко маало – едукативна игра

Преку играта „Еко-маало“, пак, едукативната компонента е насочена кон енергетска ефикасност, здрави навики, забава во природа и во домот. Дополнително, децата преку работилници ја согледуваа силата на водата, како се произведува струја од компири, но и како да рециклираат и реупотребуваат веќе искористени материјали.

„Преку искористување на стари маици, велосипедски гуми, шишиња и друго децата креираа продукти кои може да ни бидат корисни во секојдневниот живот“, велат од тимот на „Жабец“.

Работилница „Од кои делови се состои велосипедот“

 

Бојан Шашевски
Фото: Еко Логик