Универзитетот на транспарентен начин почна постапка со произнесување на сите членови на академската заедница преку внатрешните институти, катедри и наставно-научните совети на своите единици, да утврди текст кој ќе биде доставен до Министерството за образование и наука како надлежно за изготвување финален текст на закон кој ќе биде ставен во понатамошна процедура пред надлежните органи во Република Македонија – Владата и Собранието.
Ова го соопшти Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје одговарајќи на, како што наведуваат, зачестените реакции во јавноста поврзани со изготвувањето нов текст на закон за високото образование во кои се алудира на негово непринципиелно однесување.
„Универзитетот како одговорна, а пред сè како државотворна институција, општествено е повикана да даде свој придонес со решенија што нудат современ пристап во високообразовната дејност и се општоприфатени во европскиот високообразовен простор. За волја на вистината треба да се истакне дека по случувањата кои ја разбрануваа академската заедница во врска со некои законски решенија предвидени со измените и дополнувањата на Законот за високото образование од пред две години, беше формирана работна група на Универзитетот која имаше задача да подготви нов текст на закон за високото образование, но таа работна група не понуди и не достави официјален текст на закон до органите и телата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје“, соопшти УКИМ.