Под слоганот „Научи да медитираш за четири дена“ во Скопје ќе се одржуваат јавни предавања и еден голем концерт со изведувачи од многу светски држави.
Низата настани посветени на оваа древна индиска практика ќе започне денеска, 24 октомври, со воведно предавање на Џеланта Фоелерн во Салон 19:19. Роден во семејство на духовни практиканти заедно со својата сестра уште од најрана возраст се сретнува со медитацијата. Денес безусловно ги споделува своето знаење и искуства на разни работилници за медитација низ светот. На 26 октомври ќе биде и второто негово интерактивно излагање на оваа тема, каде учесниците ќе имаат прилика да дознаат повеќе за медитацијата, медитациските техники и да се здобијат со своите први искуства со медитацијата.
На 30 октомври е големиот концерт „Songs of the Soul“, кој како дел од балканската односно светската турнеја која се одржува секоја година и поминува низ различни делови од светот, ќе ја посети и Македонија. Концетрот ќе се одржи во Македонската опера и балет, со почеток во 20 часот. По концертот ќе следи и последното предавање од оваа програма „Научи да медитираш за четири дена“ кое ќе го одржи Шукада Николаевна од Русија која и самата 25 години од својот живот посветила на медитацијата. Сите настани се бесплатни.
Истовремено, за оние кои ќе бидат инспирирани, од движењето „Шри Чимој“ најавуваат и бесплатен едномесечен курс по медитација.