ОЈО повикува сведоци за тепањето студенти пред СПУКМ

По повеќе од 15 месеци од скандалозните студентски избори, а по повеќе од една година од поднесената кривичната пријава против насилната полициска интервенција, Основното јавно обвинителство конечно почна да повикува сведоци за немилиот настан.

Пратеничката Ивана Туфегџиќ прва информираше за отпочнатата постапката на Обвинителството. Таа во тоа време беше дел од Студентскиот пленум, чии претставници беа влечени и тепани од ЕБР додека протестираа пред СПУКМ.

„Повикана сум како сведок во Обвинителството за овој настан.  Како што пред многу време рековме правда и одговорност за тепање студенти мора да има и ќе има. Се надевам дека ОЈО ќе ја води постапката стручно и професионално во интерес на правдата!“, напиша Туфегџиќ на Фејсбук.

Извршната директорка на Хелсиншки комитет за човекови права, Уранија Пировска за Радио МОФ вели дека на настанот имало многу сведоци, меѓу кои и таа и уште неколку новинари.

„Ние на 29 септември 2016 година поднесовме кривична пријава против Митко Чавков (тогашен министер за внатрешни работи н.з.), против непознат раководител на полициската станица и полициските службеници од ЕБР. Дури после една година ОЈО го превзема првото дејство, односно ја повикува Туфегџиќ да го даде својот исказ како сведок. Има уште пет сведоци наведени во кривичната пријава. Инаку, ја поднесуваме за член 55, односно кривично дело ‘спречување на јавен собир’ и член 143 од КЗ за ‘Малтретирање во вршењето на службата’“, вели Пировска, очекувајќи после ова да бидат поканети и сите други да го дадат својот исказ и ќе има и обвиненија.

 

Posted by Радио МОФ on Thursday, June 30, 2016

Инаку, студентските изборите се одржаа 30 јуни 2016, а беа окарактеризирани како црна дамка во поновата историја на студентското организирање во земјава.  Во текот на гласањето на УКИМ беше забележано крадење на избирачките кутии, имаше проблеми со броењето гласови, а потоа вечерта заврши со насилство.

Една година подоцна, за правдата и желбата за подобар универзитет за Радио МОФ веќе зборуваа тогашните членови на Студентски пленум, Александра Живковиќ, Исмет Шабановиќ и Ивана Туфегџиќ.

Б.Ш.