Во клубот ГЕМ вечер од 20 часот ќе се одржи книжевен разговор со писателот Мухарем Баздуљ, кој овој месец е гостин на резиденцијалната програма на автори и преведувачи од ЈИЕ „Апсолутно модерен“ на издавачката куќа „Готен“.
На средбата, на која водител ќе биде Владимир Јанковски, ќе се разговара за творештвото на Баздуљ, со посебен акцент на неговиот роман „Кукла од марципан“ кој во превод на Ристо Лазаров неодамна го објави издавачката куќа „Везилка“.
„Кукла од марципан“ минатата година влезе во најтесниот избор за Ниновата награда. Тема е животот на чешката актерка Лида Барова. Романот ја следи приказната за нејзината популарност, вљубеноста во мажите меѓу Прага и Берлин, при што централна е приказната за нејзината љубовна врска со Јозеф Гебелс.
Мухарем Баздуљ (Травник, 1977) е писател, новинар и преведувач. Досега има објавено петнаесетина книги, меѓу кои неколку романи, збирки раскази и есеи.