12 пати повеќе мажи од жени ќе седат во градоначалничките фотелји, откако синоќа, по вториот круг на локалните избори, се дефинираше конечниот изглед на новата локална власт во Македонија.
Тетово, Битола, Могила, Арачиново, Старо Нагоричане и Македонска Каменица се шесте општини кои во следните четири години ќе ги раководат градоначалнички. Процентуално, жени ќе раководат со нешто над 7% од вкупно 81 македонска општина.
За разлика од претходните избори, кога имаше четири жени на чело на општините, тоа е мал прогрес во родовата поделба на градоначалничките функции.
На Наташа Петровска во Битола и Миликије Халими од Арачиново, кои беа избрани уште во првиот круг, синоќа им се приклучија уште четири жени кои ќе ги предводат општините. Во тесна трка во Тетово реизбрана беше Теута Арифи, неизвесно беше и во Могила, каде со помалку од 200 гласа победи Јасмина Гулевска, додека покомотна победа имаше Соња Стаменкова во Македонска Каменица. Единствено извесно беше дека Старо Нагоричане ќе добие жена на чело на општината, бидејќи во трката беа две кандидатки, а градоначалничкиот мандат го добива Жаклина Јовановска.
Овој низок процент на жени градоначалнички беше очекуван, со оглед на тоа што од вкупно 260 кандидати за градоначалници, само 15 беа жени.
Покрај во локалната, родовата нееднаквост е изразена и во централната власт. Во македонската Влада има само четири министерки од вкупно 26-те министерски позиции.
По вчерашниот втор круг од локалните избори познато е дека СДСМ освои 57 општини, ДУИ 10, ВМРО-ДПМНЕ 5, Алијансата на Албанците 3, во 3 општини победија независни кандидати, а по една општина добиваат БЕСА, ДПА и ДПТ.