Јела Кречич Жижек: Маж кој не знае да се носи со успехот на жената, не е доволно добар за неа

Новинарката Јела Кречич, која ја нарекуваат новата ѕвезда на словенечката филозофија и литература,  допатува во Скопје и на третото издание на Фестивалот на европската литература „Букстар“ го промовираше своето првенче, романот „Нема друга“.  Сепак, многумина ја препознаа како третата сопруга на познатиот философ Славој Жижек.

„Издавачите го користат бидејќи веруваат дека со неговото име романот ќе се продава подобро. Со оглед на тоа што го познавам издаваштвото и знам колку е тешко, не се противам на тоа. Знам колку е тешко да доближиш книга до публиката“, отворено говори младата сопруга на филозофот.

Во „Нема друга“ Кречич создава метафора на љубовта во денешното општество, но и урнек на прикриен женомразец типичен за новиот милениум. На малку комичен начин раскажува за авантурите на Матјаж, кој по раскинувањето со долгогодишната девојка паѓа во тешка депресија и одлучува дека патот до нејзиното срце води преку други врски. Тргнува на одисеја од „мувања“ на една вечер, но секогаш доаѓа до истиот заклучок – нема друга како бившата.

„Се обидов да прикажам што е можно повеќе различни жени во книгата. Навистина се обидов да не стереотипизирам, се надевам успеав во тоа. Верувам дека на почетокот книгата се чини дека има многу шовинистички пристап кон жените, но кон крајот се гледаат многу позитивни женски модели, жени кои се навистина интригрантни, како на пример Сара“, вели Кречич.

Нејзиниот сопруг ја придружуваше на промоцијата во Скопје, но неговото присуство не беше најавено од организаторите на „Букстар“. За процесот на пишување на книгата, издавачите пренесоа дека тој е жртвата на романот бидејќи додека Јела пишувала Славој ѝ цедел портокали, миел садови, правел чај… 

„Се чувствувам доволно самоуверено, верувам во романот, верувам дека бракот со Славој нема да го контаминира читањето на романот, романот сам ќе си ја добие шансата“, одговара Кречич. Низ смеа забележува „Маж кој не знае да се носи со успехот на својата партнерка, едноставно не е доволно добар за неа“.

Запрашана за статусот на жената во современото општество забележува дека женското прашање треба да биде поставено како биде политичко прашање, а не прашање на идентитет .

„Секоја жена има право да се идентификува како жена, но кога говориме за женските права ова треба да биде изразено со политички термини, кои треба да се применат во тоа платите да бидат исти како оние на мажите, или да можат да добијат исто работно место како мажите. Борбата треба да продолжи, да биде во политичките агенди додека не се постигне вистинска еднаквост“, вели Кречич.

Саркастична, критична и со остар стил на пишување, оваа новинарка, колумнистка и филозофка дипломирала на тема уметничките манифести во словенечката авангарда. Докторирала философија.Оттука, слично како и нејзиниот сопруг, слободно коментира за актуелните политички теми како капитализмот или влијанието на левицата. Коментирајќи го растечкото влијаните на десницата и движењата за автономија, како она во Каталонија ќе рече:

„Верувам дека ова е симптом на игнорирањето на растот на десното крило низ Европа и пошироко, мислам ова е последица на немањето вистинка левица. Работниците, луѓето кои секојдневно се борат во капитализмот, се вртат кон десните партии кои им ветуваат подобри животи и ги игнорираат проблемите, нешто што традиционално е улога на левицата. Партиите од десното крило ги присвојуваат овие политички агенди, ги мешаат со национализам и ксенофобија што ги прави навистина многу опасни. Критична сум кон левицата бидејќи не е способна да обезбеди политичка програма која ќе се справи со ова. Ова треба да биде и повик за будење на левицата, да се ангажира или да направи нова политичка програма“, анализира Кречиќ.

Неодамна од печат излезе и најзината политичко-теоретска книга „Финално одбројување“ („The Final Countdown“), антолошко издание чија тема е левицата, мигрантите и Европа. Целта на оваа книга, појаснува, е да го адресира проблемот со миграцијата без да ги следи десничарските популисти, но и без да го гледа како хуманитарен проблем, туку како политички.

„Голем дел од текстовите се одлични теории против политичката коректност, што според мене е проблем“, вели Кречич и забележува дека Европа нема волја за изнаоѓање решение за мигрантската криза.

„Во мигрантската криза се увиде дека источните држави ги затворија границите за мигрантите, западните главно ги отворија. Има голема поделба меѓу овие два блока во ЕУ и се плашам дека нема политика што помага да се надмине оваа поделба. Загрижена сум дека немаат појма што прават. Верувам дека бидејќи мигрантите доаѓаат поради војната, а таа се случува поради капиталистичките интереси на САД, Русија, Европа, можеби треба да се работи на оваа политика, да запре конфликтот, па оттука и кризата“, анализира Кречич.

Нема решение за капитализмот, иако се согласува дека е далеку од добро уредување. Реферирајќи на една од последните анализи на Берни Сандерс, смета голем чекор кон поправедно општество е зголемување на данокот на богатството на малцинството. „Додека чекаме утопија или големи промени, ова може да биде мал чекор кој ќе помогне“, вели Кречич.

Во новинарската фела таа стана славна по интервјуто со Џулијан Асанж, во 2013 година, кое го направи благодарение на другарството на нејзиниот сопруг со познатиот хакер. Во моментов работи во словенечко „Дело“, а тема на интерес е културата. И пишува нов роман кој треба да излезе на пролет.

„Дејството повторно се случува во Љубљана, се работи за различни генерации и е посериозен (од првиот роман н.з.) Има семејство,  татко кој ја губи работата и му се случуваат лоши работи. Сепак не сакав да е трагична, па се трудам да ја одржам комичната нишка, се надевам нема да ги остави луѓето депресивни“, открива Кречич.

Ј.Ј.