Националната галерија на Македонија, Министерство за култура на Република Македонија и Фондацијата „Илија Камчев“ ја организираат ретроспективната изложба „Петар Мазев, 90 години од раѓање“. Таа ќе биде отворена овој четврток (2 ноември), со почеток од 20 часот во Даут пашин амам.
Петар Мазев е еден од најистакнатите претставници на македонското современо сликарство. Неговиот опус опфаќа широк распон на ликовен израз кој се движи од фигурација, преку енформел до карактеристичен ликовен ракопис кој ги обединува овие две ликовни експресии.
Со оглед на неговото големо значење и силниот и препознатлив белег кој беше инспирација за многу нови генерации ликовни автори, а земајќи во предвид дека и веќе подолг временски период не е присутен на македонската ликовна сцена, и покрај парцијалните претставувања на дел од неговото творештво во перидот од неговата смрт до денес, проектот како јубилејно одбележување на 90 години од неговото раѓање всушност ќе вклучи еден своевиден пресек на неговото творештво, како потестување на неговото исклучително значење за современата македонска ликовна уметност.
На изложбата, која подразбира 90 години јубилеј од раѓањето на академскиот сликар Петар Мазев, ќе бидат поставени дела од повеќе фази од неговото творештво. Станува збор за уметник кој е несомнено на врвот на македонското современо сликарство. Се работи за автор со индивидуалност на која не и требаат апологетски терминолошки одредници, за индивидуалност што најдобро се брани без посредници, со самото живеење на уметничкиот израз врз платното.
Мазев е роден 1927 година во Кавадарци. Завршил Ликовна академија во Белград во 1953 година кај Проф. Зоран Петровиќ. Бил професор на Факултетот за архитектура во Скопје, Република Македонија.
Тој е главен иницијатор за формирање на Факултет за ликовни уметности во Скопје. Мазев е еден од најзначајните автори на македонската современа ликовна уметност. Имал бројни самостојни преставувања како во Македонија, така и во странство: Србија, Босна и Херцеговина, Словенија, САД и др.
Исто така, учествувал на бројни групни изложби како во нашите простори така и надвор од нашата држава како: САД, Кина, Индија, Германија, Италија, Швајцарија и др. Добитник е на бројни награди и признанија: 11 Октомври на Република Македонија во 1961 г., 1979 г добива прва награда на Југословенскиот конкурс за ликовно обликување на ентериерот на Спомен-костурница на загинатите борци од НОБ во Велес и велешко и истиот го изведува во мозаик, 1981 г. добитник е на наградата „Моша Пијаде“ на Ликовниот салон во Цетиње и др.