Фестивалот на европската книжевност „Букстар“ го најави гостувањето на данскиот писател Јуси Адлер-Олсен, кому оваа година ќе му биде доделена наградата за најчитана книга помеѓу две изданија на фестивалот.
Утре со почеток во 20 часот, во Клуб ресторанот МКЦ ќе биде промовиран неговиот роман „Жената во кафезот“, издание на „Антолог“, кој на македонски јазик го приопшти Лара Крстева-Ичокаева. Романот е најчитаниот наслов во книжарниците на „Антолог“ оваа година, а е објавен со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија.
Промотор на романот ќе биде режисерката, продуцентка и актерка Лабина Митевска.
По објавувањето на „Жената во кафезот“, книгата се искачила на првото место на топ-листите и се задржала на врвот на бестселери цела година. Според книгата е снимен и филм.
Јуси Адлер-Олсен е еден од најдобрите дански автори, чии книги се преведени на 40 јазици и котираат на големите бестселер-листи во светот, меѓу кои и на „Њујорк тајмс“. Во младоста свирел гитара во неколку поп-групи. Студирал медицина, социологија, филм. Бил издавач, уредник, композитор на филмска музика и продавач на книги. Добитник е на огромен број награди, а четири негови книги имаат и филмски адаптации.
Во рамки на фестивалот, утре во 11 часот во Книжарницата „Антолог“ ќе се одржи и средба, „упанишад“, со Јуси Адлер-Олсен, на која ќе гостуваат неколку влијателни македонски блогери.
Промоцијата на романот „Диссомнии“, најновата книга на македонскиот писател Игор Станојоски, ќе се одржи на 4 ноември 2017 година, со почеток во 20 часот, во Клуб ресторанот МКЦ.