Министерството за образование и наука (МОН) ја објави финалната нацрт-верзија на Сеопфатната стратегија за образованието 2018-2025, на која работеле изминатиов период и упатува повик до стручната и академска јавност за предлози и коментари за нејзино подобрување.
„Имајќи ја предвид значајноста на Сеопфатната стратегијата за образованието, а притоа следејќи ги принципите на транспарентност и инклузивност, Министерството за образование спроведува јавна консултација и ја споделува со стручната и академска јавност финалната нацрт верзија на Сеопфатната стратегијата за образованието 2018-2025“, соопштуваат од МОН.
Коментарите и предлозите за натамошно подобрување на Стратегијата можат да се доставуваат најдоцна до 10 ноември 2017 година, на електронската адресa komentari@mon.gov.mk, или до архивата на МОН (ул. Св. Кирил и Методиј бр. 54).
Од Министерството информираат дека Сеопфатната стратегија за образованието 2018-2025 ќе биде предмет на јавна расправа, а по завршувањето на овој процес таа ќе биде усвоена на седница на Владата на Република Македонија.
Финалната нацрт-верзија на Стратегија за образованието 2018-2025 можете да ја преземете ТУКА.