Уставниот суд поведе постапка за два од 19-те членови за кои беше поднесена иницијатива за оценување на уставноста од група професори. Од останатите членови за четиринаесет одлучи да не поведе постапка, а за три да ја отфрли иницијативата.
Судот реши да поведе постапка за членот кој се однесува на Одборот за акредитација и евалуација, во кој е предвидено Владата да реши кој ќе биде претседател на Одборот, што може да ја наруши автономијата на Универзитетот загарантирана со Уставот.
Вториот оспорен член се однесува на менторот на докторскиот труд да не може да биде член на Комисијата за одбрана на докторскиот труд, односно универзитетскиот професор кој води студент кандидат за стекнување научно звање доктор на науки, да не може да учествува во проверка на аргументи што докторантот ќе ги изнесе при одбрана на трудот.
Според Уставниот суд, овој член го отвора прашањето дали законодавецот ја нарушил автономијата на Универзитетот, бидејќи навлегува во организациски прашања кои се работа на самиот универзитет.
Уставниот суд ќе достави решение до Собранието и до Владата кои имаат рок од 30 дена да се изјаснат по сомневањата на Судот, по што точките ќе се најдат повторно на седница на Судот, за да одлучи дали членовите ќе станат дел од Законот за високо образование.
Судот не поведе постапка за останатите членови од законот кои беа спорни за голем дел од универзитетските професори, како финансирањето на универзитетите, надворешната евалуација и работата на Одборот за акредитација и евалуација.