„Исцелител“ – суровата реалност на сиромашниот и очаен човек

Македонскиот игран филм „Исцелител“ на младиот режисер, сценарист и продуцент Ѓорче Ставрески синоќа ја имаше светската премиера на 58. издание на Меѓународниот филмски фестивал во Солун.

Во преполната кино-сала „Ставрос Торнес“, каде се бараше карта повеќе, публиката уживаше во „црната комедија“ на Ставрески и имаше можност да се запознае со суровата реалност на „обичниот смртник“, кој излезот од своите секојдневни и здравствени проблеми го бара кај „лажните исцелители“.

Младиот автор смета дека „во овие луди времиња, капитализмот со балкански вкус ги сведе човечките вредности на грабање на што е можно повеќе пари и моќ, а притоа останатите луѓе не се воопшто важни. Најпотребните лекови исчезнаа, а приватните болници прават огромен профит земајќи го и последниот денар од болните и очајните. Бебиња умираа на породување, воздухот се загади, а луѓето се свртија кон астрологија, теории на заговор и игри на среќа. Лажните исцелители процветаа: Oружани со ’чудотворни’ таблети од варикина, хомеопатска ’вода што памти’ и лековити колачи од марихуана, тие нудеа ’ништо’ за помалку пари. Меѓутоа секој денар е битен кога платата доцни со месеци“.

На тој начин се родила неговата приказна, а хуморот и болката воделе битка во неговото сценарио.

„Мојата потреба, во принцип за да направам филм, обично е дека сакам да раскажам некоја лична или интересна приказна за мене. На прво место е потребата да зборувам за некој проблем или за нешто што лично ми се случило и ме опседнало, опсервирајќи ги работите кои се случуваа во нашата земја низ годиниве“, изјави Ставрески за МИА по проекцијата на филмот.

Тој не верува дека филмот ќе успее да разубеди некого, но доколку само еден гледач го смени мислењето би бил задоволен.

Ставрески смета дека е многу попаметно секој човек прво да ги примени сите оние научни методи кои му се на располагање и доколку здравството „крене раце“ од него, тогаш нормално е да се преземе се останато.

Тој има лошо чувство за денешното време во Македонија, „за што ја обвинувал транзицијата во државата, но како што минува времето смета дека виновна е целокупната деградација на целите и сите вредности што се случуваат ширум светот, а не само кај нас. Постои глобален тренд кај луѓето оти некои механизми кои доведуваат до тоа богатите да имаат уште повеќе, а сиромашните и оние од средниот слој да имаат се помалку“.

Филмот е приказна за младиот Веле, кој ќе украде марихуана од опасни криминалци со цел да му помогне на својот болен татко Саздо, што доведува до многу перипетии и бројни необични и апсурдни ситуации.

Во дебитантскиот игран филм на Ставрески, кој е македонско-грчка копродукција, главните улоги ги толкуваат Благој Веселинов, Анастас Тановски, Аксел Мехмет, Александар Микиќ, Мирослав Петковиќ, Диме Илиев и Симона Димковска.

Филмското остварување на Ставрески е во продукција на „Фрагмент филм“ и копродукција на грчката „Граал С.А.“, а финансиски е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија.

Директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, кој е филмски продуцент и поранешн прв човек на „Вардар филм“, истакна за МИА дека „ако се направи анализа ќе се утврди дека младите режисери се поуспешни од они кои ги нарекуваме ’етаблирани’ автори“.

„Мислам дека иднината на македоскиот филм е токму во тие млади луѓе, кои за минимални финансиски средства во споредба со оние кои ги добиваат ‘етаблираните’, создаваат нешто. Оваа и идната генерација која пристигнуваа, како Ѓорче, Дина Дума и други, сметам дека ќе направат добро за македонскиот филм и воопшто за државата и македонската култура“, нагласи Тозија.

Според него, не постои рецепт за добар филм, во спротивно „Холивуд не би создавал неуспешни филмови“. Тој смета дека е тешко е да се направи филм како „Пред дождот“, но сепак верувам во овие млади луѓе.

„Исцелител“ денеска ќе има уште една проекција во Солун, а македонската публика ќе има можност премиерно да го погледне филмот на 19 ноември.

Солунскиот фестивал е еден од најголемите и најстари филмски фестивали на балканските простори. Оваа година тој се одржува од 2 до 12 ноември, а во главната натпреварувачка програма се наоѓаат дебитантски и втори филмови на автори од цел свет кои имаат субверзивен пристап.

Во трката за годинешната награда „Златен Александар“ се натпреваруваат 14 филмови, од кои три се грчки. Меѓународното петочлено жири, кое ќе ги оценува филмовите, е предводено од палестинскиот режисер, сценарист и продуцент Анемари Јасир.

МИА