Министерството за труд и социјална политика преку Меѓуопштинскиот центар за социјална работа времено ќе ги згрижи лицата кои живеат под Кале, оваа одлука ја донесе Владата на вчерашната 38-ма седница.
„На предлог на Министерството за труд и социјална политика, Владата ja разгледа и информацијата за утврдување на мерки за времено згрижување на затекнатите лица под Кале и го задолжи министерството преку ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на Град Скопје, времено да ги смести затекнатите лица“, стои во владиното соопштение.
Истовремено од Владата информираат дека Министерството е задолжено да обезбеди задолжително вклучување на сите сместени лица во Програмата за поддржаното живеење, преку која на сместените лица ќе им се помогне да добијат адекватни услови за престој, различни форми и содржини на работа за стекнување на животни и работни вештини, со цел да бидат оспособени за самостојно живеење и интеграција во социјалната средина.
Радио МОФ повеќе пати пишуваше за проблемите со кои се соочуваат 40-тина семејства и околу 200 лица од ромска националност, кои повеќе од една година живеат во катастрофални услови, во импровизирани живеалишта, под скопското Кале.
Бебињата и мајките Ромки во хигиенски „пекол“ под Калето, очекуваат спас до септември
Таму се лоцираа откако властите насилно ги избркаа поради изградба на хотел во барок на површината на која тие живееле претходните 10-тина години.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, пред точно два месеци на дел од лицата сместени под Калето им вети дека оваа зима нема да спијат во шатори, туку во привремени живеалишта во Визбегово. Министерката посочи дека сите регистрирани семејства ќе бидат сместени на таа локација, а децата ќе мора да почнат да посетуваат училиште.
Ромите под Кале до Царовска: Ние сме уште ни на небо ни на земја!
Повеќе од една година македонските власти не најдоја соодветно решение за овој проблем и покрај постојаните реакции и алармирања на домашните невладини организации за човекови права, како и од Обединетите Нации.
Даниел Евросимоски