Ива Апостолска е активистка за правата на животните, спортистка, веганка и дел од Вегефест, манифестацијата која викендов по шести пат се одржа во Скопје, со цел да го промовира веганството и ненасилството кон животните како начин на живот. Вежба, чува слепи мачки, секојдневно вози велосипед, се труди да прави што е можно помалку отпад, и ужива во растителната храна.
„Бев вегетаријанка 6 години, а за тоа се одлучив уште кога живеев во Полска на свои 23 години и работев со млади со посебни потреби и способности. Бидејќи отсекогаш сум се сметала за човек кој е сензибилизиран за различни прашања за социјална правда, концептот за неексплоатирање животни за човечки навики лесно си го најде својот пат кај мене и стана интегрален дел од мојот живот.
Понатаму, иницијална каписла да станам веганка беше пред 5 години, после гледањето на докумeнтарецот „Земјани“, каде се прикажуваат сите стандардни начини, пракси и системски категории на користење и злоупотреба на животните, животната средина и луѓето во ранливите заедници преку нив, на глобално ниво. Тоа за мене беше соочување со себе и сериозно преиспитување на сопствените вредности, кое и онака беше долго одложувано заради непријатноста од нарушување на сопствената зона на лагодност. Од тој момент па натаму знаев дека сè што е човечко во мене одбива да биде активен и директен учесник и поддржувач на овие злосторства кон животните“, се потсетува Апостолска.
Свесна е дека постојат бројни предрасуди за веганите, луѓето кои не конзумираат животински производи. Ниту мед. Ниту пак носат животни, како чевли или облека. Не употребуваат козметика која е тестирана на животни. И живеат по принципот на ненасилство кон останатите живи суштества.
Реакциите вели се секојдневни, од длабок интерес и разбирање на суштината на веганството, па се до манифестација на различни облици на веганфобија. На забелешките дека веганите се лишени од многу работи, таа без двоумење одговара – се обидувам да живеам живот кој не ги лишува другите од она што и онака не е и никогаш нема да биде мое – нивниот живот.
„Сметам дека ми е човечка обврска да продолжам да говорам гласно против неправдата, зашто цената што ја плаќам јас како веганка активистка, свесно ризикувајќи и изложувајќи се себеси да бидам предмет на јавен потсмев, како „секташка„ „милитантка“ „екстремистка“ „забегана“, „дунда“ „неухранета“ и слично, е премала (па дури и смешна) во однос на онаа што ја плаќаат животните со своите животи, животната средина и луѓето со сопственото здравје. Кога ќе одзумирам и ќе ја погледнам поголемата слика, апсурден и апсолутно трагичен е самиот факт што уште треба детално да се објаснува и брани ставот дека имањето еднаква почит за сите живи суштества е единствениот праведен начин, како и тоа дека од веганскиот начин на живот никој ништо не губи, туку сите имаме придобивки.
За коментарите пак дека млекото е здраво, а месото е неопходна храна за човекот да биде здрав, низ смеа одговара дека веќе 11 години се нема разболено, дури ни од грип.
„Всушност спротивното е точно. Ниту месото, ниту млекото, млечните продукти, јајцата, ниту кој било дериват од животинско потекло не е нужен за оптимално функционирање, здравје и добробит на човековиот организам како од неговиот зачеток па до длабока возрасна доба. Ова не е мое лично мислење, туку научен консензус. Промена веќе се случува, иако со огромно жалење морам да констатирам дека светот доцни со применување на она што веќе одамна го знаеме и одново се докажува низ бројни интердисциплинарни истражувања, а индиферентноста и игнорантноста сите веќе не` чинат многу скапо. Некако слично како и со глобалното затоплување“, објаснува Апостолска.
Најважната препорака за здравата растителна исхрана вели е таа да не се сведува на индустриски процесирана храна туку на целосни плодови, да биде добро планирана и разновидна. За да ги надополни потребите од Б12, кој вообичаено отсуствува кај веганите, таа го зема преку ампули. Истовремено, додава, исхраната треба да е искомбинирана со активен животен стил и избегнување на други штетни навики како пушење, злоупотреба на супстанци, но и градење на психолошка отпорност кон стресот.
Апостолска се повикува и на истражувањата на Американската академија за нутриционизам и исхрана, според која: „добро планирана веганска исхрана е нутритивно адекватна за сите фази од човековиот развој, од негово зачнување до длабока старост, и е погодна за професионални спортисти. Истата може да штити, да делува превентивно и во некои случаи да служи како форма на терапија за најголемите болести на денешницата: кардиоваскуларните заболувања, повеќе типови на рак, дијабетес, дебелина и друго“.
Задоволна е што веганското движење расте, и во светот, и во Македонија. На социјалните мрежи секојдневно се споделуваат рецепти, се разменуваат искуства, жестоко се дебатира на темата.
„Предизвик е да се биде активен и неуморен предизвикувач на системската неправда и да се зборува вистината директно во лицето на моќта со силата на аргументите во име на жртвите кои тоа никогаш нема да можат да го направат сами за себе. Предизвикот да се биде веган во Македонија не е толку од практична природа за обезбедување на секојдневните потреби за живот на начини, кои се пријателски и достоинствени кон животните и животната средина, туку најголемиот предизвик лежи во секојдневното соочување со репресивниот наратив на специзмот и карнизмот, сеприсутната злоупотреба на привелигираната позиција на моќ над животните од страна на луѓето и упорните фикции кои уште повеќе ја засилуваат и нормализираат доминантната насилна култура“, вели Апостолска.
Смета дека луѓето стануваат свесни за суровоста на индустријата со животни, пред се поради непречениот пристап до информации за суровоста кон животните кои се одгледуваат за месо, млеко, јајца. Сепак, забележува, потребна е поголема емпатија. Затоа и апелира до сите луѓе да престанат да ги третираат останатите видови како продукти.
„ Да престанеме да ги артикулираме изговорите под маската на моралниот релативизам и парадоксот на „правото на личен избор“ одрекувајќи им го гласот на животните во јавниот дискурс и саботирајќи го секој обид за да им се овозможи праведност. Оваа тактика е употребувана од антагонистите на сите останати движења за социјална правда. Ова е понижувачки, неодговорно, малодушно и кукавички. А можеме и мораме поинаку, заради себе, заради идните генерации, заради планетата и нашите пријатели со кои ја делиме – животните“, повикува младата активиститка.