Последниот варџија во делчевски Ѕвегор

Се разгоре пламенот од единствената варница која сè уште е активна во делчевското село Ѕвегор. Пламените јазици полека се издигнуваат од ложиштето и ги обвиткуваат камењата натрупани врз земјената печка, додека стариот Пане во печката вкопана в земја, нештедливо става големи дрва. Вака започнува процесот на добивање вар во единствената варница која сè уште го чува стариот занает во селото, каде некогаш имало над десетина варџии.

Пане Гоцевски има 60 години и тој е единствен во селото кој по своја формула пече вар од квалитетен камен варовник во Делчевско. Тој вели дека формулата за производство на вар е од неговите предци, но за разлика од другите варџии во селото, само тој останал достоен на занаетот и е единствен во регионот кој го чува занаетот и произведува квалитетна вар за варосување, но и за лекување.

„Јас сум скромен човек, но со гордост кажувам дека произведувам најквалитетна вар во Источна Македонија, бидејќи каменот што го печам во земјената печка која е вкопана под ридот над селото, е еден од најквалитетните. Јас знам да го препознаам каменот. Нашата вар се пече 72 часа, значи три дена и три ноќи. Се пече на 1.900 степени и јас сум постојано тука да го контролирам процесот и да ставам дрва. Знаете, мора да има квалитет, ако нема тогаш не сум мајстор на занаетот“, вели Пане.

Печка изѕидана од црвен камен по теркот на турските варџии

Пламенот кој го топи варовникот се издига од специјално изработена печка. Варџијата Пане вели дека теркот на изработка на печката е од старите Турци кои некогаш живееле во селото.

„Па селото Ѕвегор беше турско село. Овде живееја Турци кои го работеа овој занает, па дедо ми го научил од нив, па потоа татко ми и така, сега јас го работам ова и речиси цел живот се занимавам со производство на вар и сум горд што произведувам квалитетна вар и што сите се задоволни од варта која ја спремам. Оваа печка ја имам веќе 30 години, претходно имав и друга, ама сега оваа ја користам. Направена е специјално од црвен камен и се е затворено убаво, обложена е и се оди по планот“, гордо вели Пане.

Варта на Пане конкуренција на поликолорот

Пане годишно произведува по 30 тони вар и продава насекаде низ Источна Македонија што го обврзува да го чува квалитетот на варта.

„Значи, за да добиеш бела, мрсна убава вар која ќе му конкурира на поликолорот кој е во тренд, мора да вложиш во дрва, но и да одбереш квалитетен камен. Потрошувачката на дрва е еден спрема три, односно за десет тони вар трошам 30 кубика дрва, а камења трошам околу десет приколки по два кубика, тоа се 20 кубика камен. Ние ги познаваме камењата и експерти сме за ова“, вели Пане.

Пане со гордост вели дека сите молери во Делчево постојано се јавуваат кај него и бараат вар.

„Сите се кај мене, само ми се јавуваат, дај буре вар таму, буре ваму. Продавам по 30 тони вар во годината. Сите ми велат Пане твојата вар е посилна од поликолорот. Постојано се јавуваат од Виница, од Берово од цела Македонија“, вели Пане.

Варта произведена од варницата на Пане се бара и за лек

Сепак, освен за варосување на ѕидови и добра дезинфекција, варта произведена од варницата на Пане во Ѕвегор се бара и за лек. Тоа е посебно актуелно, бидејќи се верува дека варта го чисти организмот.

„Имаше на телевизија, и баба Рада го кажа, и на Интеренет, дека варта го чисти организмот, посебно како заштита од рак. Половина кило вар, а пет кила вода, така се раствора, а јас затоа само со дрва ја печам варта, не со гума, чиста ја произведувам, а потоа ја пакувам во посебни ќеси. Велат луѓе дека се излечле многу, а и ние дома ја пиеме има посебен вкус како швепс е малку нагорчува. Нон стоп се јавуваат луѓе од Скопје, од Штип, од цела Македонија, а јас сакам да им помогнам, ако тоа е лекот, јас ќе го направам“, рече Пане.

Откако варта ќе се испече, Пане ја носи дома и ја гаси во специјално направени базени длабоки по неколку метра, а се наоѓаат во дворот од семејната куќа.

Ниска цена голем бенефит

Килограм вар се продава од 10-15 денари, додека варта за лек е 50 ден по килограм. Занаетот носи дополнителен приход на ова семејство, Пане тоа многу добро го знае, но единствената мисла му е двата сина да го продолжат занаетот.

„Имам двајца синови, ама едниот живее во Кочани, а другиот е овде во селото. Многу ми помагаат, бидејќи ова е големо производство и се интересираат, па по цела ноќ се со мене, ама не знам дали ќе сакаат да продолжат со ова да се занимаваат, младите имаат други размислувања и планови“, вели Пане.

Го оставивме варџијата покрај силниот оган од земјената печка, за да го заврши процесот на печење вар и да ги услужи сите кои веќе ја порачале. Неумрниот варџија од Ѕвегор со мерак ја продолжува приказната за селото кое некогаш имало најмногу варџии во Источна Македонија.

МИА