„За време на маршот на 21 септември видовме многу политичари кои ветија дека ќе ја подобрат состојбата, дури градоначалниците потпишаа заложби да ја стават ситуацијата под контрола. Наша задача е да ги потсетиме за ветувањето, да ги опоменуваме да преземат одговорност и децата да не трпат последици по нивното здравје. Тоа е нивна обврска и со Уставот, и со Конвенцијата за правата на децата“.
Ова беше главната порака на Драги Змијанац од Меѓаши и од О2 Коалицијата за чист воздух на денешниот протест пред Владата на Република Македонија. Но, оваа не е порака само на Змијанац. Граѓаните што излегоа денес да протестираат против загадувањето побараа итни и конкретни мерки. Властите конечно да почнат да спроведуваат „опипливи“ решенија за горливиот проблем со отровниот воздух.
„Забележуваме дека Министерството за образование е подготвено да одговори соодветно на нашата реакција да не се пуштат децата во екстремни услови. Кога ПМ10 честичките се над 75, 200, 400… а може брзо да се случи 1.000 микрограми, поддржуваме да се бојкотира настава, да се организираат масовни протести, граѓанска непослушност, блокирање на патишта, се’ со цел да се подобри состојбата и брзо да се намали прагот за алармирање (за загадувањето). Да биде максимално 75 и ‘алармот’ да ѕвони два дена последователно. По два дена ако не се намали под 75, по автоматизам да се прогласи вонредна состојба, која, пред се’, го повредува здравјето на децата“, рече Змијанац на блокираната „Илинденска“.
Голем број од граѓаните симболично носеа заштитни маски. Ги носат се почесто и кога не се на протест. Дел граѓани држеа транспаренти со натписи „Децата траба да дишат“ и „Воздух сега“, а други посочија дека загадувањето бара сеопфатен, систематски пристап, но и поголем буџет за оваа проблематика.
„Мора да се наменат многу многу повеќе средства околу замената на греењето, ако е тоа навистина еден од главните загадувачи. Потоа, контрола на индустријата. Сообраќајот мора некако да се реши, не може секој во секое време да се движи во вакви услови. Мора да се воведат забрани. Јас имам стар автомобил, дизел кој загадува, па поради тоа во овој момент не ми текнува да влезам во него“
„Мора да им се дадат на граѓаните и други алтернативи, велосипедски патеки, особено ако имаме предвид дека цел оној потег од Центар до Радишани, каде се и Чаир и Бутел, немаат ниту метар велосипедска патека. Во оваа смисла, граѓаните од таму се дискриминирани, бидејќи и да сакаат, не можат да применат друг превоз“, рече активистот Јане Димески за Радио МОФ.
Меѓу присутните беше и Вера Милошевска од групата „Баклава“. Таа смета дека мерките се одлагаат многу повеќе отколку што Македонија е независна, па проблемот нема да се реши за една година. Но, вели таа, мора да се почне да се решава.
„Мора да се мисли какво гориво се користи во градот, начините на кои работат погоните на фабриките. Живеам до Циментара и лето и зиме се чувствува во воздухот што се испушта, што се согорува, што како гас доаѓа до нас граѓаните. Зошто и да не се потегне иницијатива и зошто да не се влезе и во таков проект да Топлификација покрива многу повеќе делови во градот, наместо да користиме струја, дрва. Имате домаќинства кои ни за дрва немаат пари“, рече Милошевска.
Бојан Шашевски