Во Камерната сала на Македонската филхармонија, на 20 декември (среда) во 20 часот, ќе се одржи рецитал на македонскиот истакнат пијанист Дино Имери. Концертот е поделен во два дела, од кои во првиот ќе биде изведенаСонатата во h-moll од Франц Лист, додека во вториот делСонатата бр.2 во b-moll од Сергеј Рахмањинов.
Дино Имери (1990) се смета за еден од најреномираните македонски пијанисти на новата генерација класични музичари. Своето образование го стекнува работејќи со проф. Људмила Романова и проф. Борис Романов (во чија класа и дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје со Cum Laude), како и со проф. Симон Трпчески, во чија класа магистрира на само 22-годишна возраст со просек 10 и со почести Cum Laude.
Дино Имери се вбројува во десетте најдобри европски пијанисти според ранг-листата на Третиот европски пијано-натпревар одржан во Нормандија, Франција, а еднакво успешен во својата родна земја, во 2013 година се здобива со највисокото домашно признание за класична музика – наградата „Виртуози“ во категоријата „Млад музички уметник“. Во 2015 година го добива признанието Лауреат на Фондацијата „Томислав Зографски“, доделена од истоимената фондација за промоција на македонските композитори во земјата и во странство.