Невладините и медиумите бараат активна примена на Законот за слободен пристап до информации

Менување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, но и работа на активна транспарентност и негова примена, побараа медиумската заедница и граѓанските организации на денешната јавна дискусија за можни измени на Законот, во организација на министерствата за правда и за информатичко општество и администрација и министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност во Владата на Република Македонија.

Медиумите и НВО секторот, конкретно, бараат намалување и усогласување на рокот на одговор од институциите, зголемување на капацитетите и ингеренциите за Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, одговорност за непостапување по барањата од администрацијата и зголемување на списокот на иматели на информации од јавен карактер.

Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, рече дека информациите што ги има државата мора да станат јавно достапни и доколку се постигне тоа можеби ќе нема потреба од овој Закон и ќе се користи само за одредени случаи.

„Законот е од 2006 година и оваа дебата е за тоа дали има потреба од интервенции во Законот. Да видиме дали е Законот проблем или неговата имплементација. Владата од изброт досега има наплив на барања и се соочуваме со големи бројки податоци што треба да го дадеме и мал број на луѓе ангажирани за тоа“, рече Поповски.

Посочи дека генералниот впечаток е дека Законот е добро поставен, но во реалноста слабо функционира и пристапот е отежнат, како и дека мора прецизно да се дефинира што е класифициран документ.

Поповски побара сите предлози да бидат доставени до 15 јануари до Министерството за правда за да бидат организирана работна група.

Герман Филков, од Центарот за граѓански комуникации, рече дека годишно поднесуваат до 1.000 барања и одговорите за нивната организација се околу 70 проценти, процент што според нивните истражувања се намалува на 37,5 отсто доколку барањата се поднесени од новинари.

„Активната транспарентност е многу слаба и слабо се извршува. Минатата година изнесува само 45 проценти, а годинава 42 отсто. Потребно е намалување на рокот за одговор на 15 работни дена, да се зголемат ингеренциите на Комисијата за да води кривични постапки и одговорност за администрацијата“, рече Филков.

Според Тамара Чаусидис нема дилема дали е потребна измена на Законот.

„Убава е интенцијата за транспарентност на новата Влада, но таа се однесува на работата на претходната власт и не знаеме како ќе функционира во иднина“, рече Чаусидис.

Посочи дека е неопходно партиите и верските организации да бидат опфатени со законот како иматели на информации од јавен карактер.

Александра Бујаровска од Здружението „Фронт“ посочи дека брзото добивање на информации е круцијално за соодветно учество на НВО во работата на институциите, и како што рече, поради тоа е неопходно усогласување на роковите за жалба по некоја одлука со рокот за добивање на информации од јавен карактер.

Новинарот Саше Димовски, побара да се предвиди што може судот да објави како информации од јавен карактер во однос на некои судски постапки и да се предвиди меритарно одлучување на управниот суд, со што, како што рече, ќе се добие неизвршување на судски одлуки од страна на имателите на информации од јавен карактер.

Извор: МИА