Младоста или животното искуство: Каков е профилот на добриот градоначалник?

Граѓаните ја бираат младоста пред искуството, барем кога станува збор за профилот на нивниот иден градоначалник, стои во дел од заклучоците на  извештајот кој деновиве го објавија Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија „Социетас цивилис”.

Младоста или животното искуство: Каков е профилот на добриот градоначалник?

Според анкетата, 45% од испитаниците се изјасниле дека сакаат градоначалник кој има помалку од 27 години, наспроти 16% кои се изјасниле дека ќе гласаат за личност постара од 65 години.

Но колку возраста е важна за успешноста на идниот градоначалник?

Според  универзитетскиот професор Лидија Христова од Институтот за социоолошки и политичко правни истражувања, возраста во никој случај не смее да биде пресудна при изборот на градоначалник.

„Функцијата политичар е многу одговорна сложена функција која бара зрелост, став и флексибилност, но во исто време решителност, борбеност , но и истрајност.Некои од овие особини се врзани за карактерот на поединецот, но некои и со неговото животно искуство, со мудроста и зрелоста што доаѓа со годините“, вели Христова.

Izjava na profesorot Lidija Hristova by Radio Mof on Mixcloud

И универзитетскиот професор Милева Ѓуровска се согласува со ова тврдење.

„Возраста не треба да игра голема улога во изборот на градоначалници“, вели Ѓуровска и додава дека младоста сама по себе не е никаква гаранција дека еден градоначалник ќе биде успешен.

Според извештајот, ако веќе може да го изберат профилот на својот иден градоначалник, граѓаните покрај тоа што сакаат да биде млад, исто така бираат да биде чесен, да припаѓа на нивната етничка заедница и да биде професионален политичар.

Во испитувањето на јавното мислење направено преку телефонска анкета на 13 и 14 февруари годинава, на репрезентативен примерок од 425 испитаници, повеќе од половина од граѓаните се изјасниле дека ќе гласаат за квалитетните програми, наспроти 33% кои посочуваат дека ќе гласаат за личноста која стои зад кандидатурата за градоначалник.

Според професорката, Христова, сите овие параметри треба да се земат во предвид при изборот  на идниот градоначалник,  а ако треба да бира помеѓу младоста и искуството, таа ќе ја избере златната средина.

Izjava na profesor Lidija Hristova1 by Radio Mof on Mixcloud

Ј.Ј.