Приказни за жените со најмногу Златни глобуси, на церемонијата во црнo како протест за сексуалната злоупотреба

Драмата „Три билборди пред Ебинг, Мисури“ (Three Billboards Outside Ebbing, Missouri) победи во најзначајните категории на синоќешните 75-ти Златни глобуси, за најдобрите филмски и телевизиски остварувања на годината. Церемонијата ја одбележа движењето #MeToo – на жртвите на сексуално насилство и злоупотреба.

Манифестацијата беше прва по скандалите со сексуална злоупотреба кои силно го погодија и Холивуд, а филмските ѕвезди носеа црна облека во знак на поддршка на жртвите. Во публиката можеа да се забележат и бројни беџови со натпис „Времето ви истече“ како поддршка на иницијативата за сексуалното вознемирување во филмската индустрија.

Повеќе актерки своите говори ги искористија за да изразат поддршка на жртвите на сексуално насилство, помеѓу нив и Никол Кидман, Мерил Стрип, Мишел Вилијамс, Ема Вотсон и Опра Винфри, која ја доби почесната награда за животно дело, која на сите девојки кои гледаат им порача дека „излегува нов ден на хоризонтот“.

„И кога конечно тој ден ќе дојде, тоа ќе биде поради бројните величествени жени, многу од нив кои се со нас во оваа просторија и некои фантастични мажи, кои заедно силно се борат да станат лидери кои ќе не однесат во време кога веќе никој нема да мора да каже „Me too“ (и јас исто)“, рече Винфри.

Водителот на овогодишните Златни глобуси, комичарот Сет Мејерс почетниот монолог го започна со реченицата „Почитувани дами и она што остана од господата“, додавајќи: „Дојдовме до 2018 година, кога марихуаната конечно е, а сексуалното малтретирање конечно не е дозволено“.

„Трите билборди“ освоија вкупно четири глобуси во категориите: најдобар филм – драма,  најдобро сценарио, најдобра актерка и најдобар спореден актер.

„Своите политички убедувања ги држам за себе. Но, беше сјајно да се биде во оваа просторија вечерва и да се биде дел од ова тектонско придвижување во структурата на моќта во нашата индустрија. Верувајте ми, жените во оваа просторија не се овде поради коктелот. Ние сме овде заради професијата“, изјави Френсис Мек Дорманд, која го однесе златниот глобус за најдобра актерка за нејзината улога на мајка која бара правда за нејзината убиена и сексуално злоупотребена ќерка.

Победници на телевизиските награди беа серијата „Приказната на слугинката“ (Handmaid`s Tale) и мини-серијата „Големи мали лаги“ (Big Little Lies), кои исто така третираат теми за правата на жените и насилството врз нив.

Елизабет Мос, која ја доби наградата за најдобра актерка во телевизиска драма за „Приказната на слугинката“ наградата ја посвети на авторот на книгата по која е направена серијата, Маргарет Етвуд.

„Повеќе не живееме во процепите… ние сме приказната во медиумите и ја пишуваме самите“, рече Мос.