Прв Собир на инцијативата за Граѓански Парламент вечерва во „Дуња“

Денес од 18 часот во Социјалниот центар „Дуња“ ќе се одржи првиот собир за создавање на таканаречен „Граѓански парламент“, иницијатива преку кој граѓаните ќе можат да разговараат и да нудат решенија за актуелните општествени проблеми, поттикната првенствено од јавниот револт од големото аерозагадување.

Според иницијаторката Јадранка Бибан, граѓанскиот парламент треба да биде форма на изразување на разбудената граѓанска свест во однос на неопходноста да го заштитиме нашето здравје и нашите животи од перманентното загадување на воздухот низ Македонија. 

„На оваа средба ќе трасираме ставови и начини на делување. Предлагам да го надминеме принципот на програмско делување како што тоа го прават досегашните граѓански здруженија, за што е потребно сето ова да биде сфатено како комплекс на индивидуална свест, ослободена од бариерите на страв и потиснатост. Покрај стручната и интелектуална сила со која располагаме, овде треба да дојде до израз и интелегентната свест на индивидуата која умее да го надмине кафезот на системското деградирање на човекот.
Таквиот Граѓански Парламент ќе делува во континуитет и во врска со други области на општествениот живот“, посочува Бибан.