Жители од повеќе светски градови вчера излегоа во јавност по гаќи поради традиционалниот настан „Метро возење без панталони“ кој оваа година се одржа по 16-ти пат.
Помеѓу 60-те градови кои пријавиле дека ќе се вклучат се и Њујорк, Копенхаген, Монтреал, Прага, Цирих, Лисабон, Лондон и Берлин.
Стотици луѓе се пријавиле за учество, со ветување дека ќе прифатат групно да ги соблечат панталоните додека се возат со подземниот транспорт.
Настанот за прв пат е почнат во 2002 година од колектив комичари „Improv Everywhere“ од Њујорк. Иако првиот настан во американскиот град имал само седум учесници, овој настан собирал се повеќе заинтересирани секоја наредна година. Организаторите очекувале илјадници луѓе да се приклучат на вчерашните настани.
Организаторите велат дека немаат никаква скриена агенда, освен желбата да изнудат насмевка кај луѓето.
Учесниците и случајните минувачи во Лондон ги споделуваа фотографиите од сцените низ градовите со хаштагот #NoTrousersTubeRide. Слична ситуација била забележана и во Берлин, каде локалните организатори за Еуроњуз изјавиле дека во настанот се вклучиле 70 луѓе, а реакциите кои ги добивале од останатите патници биле генерално позитивни.