„Многу дружење, нови пријатели и многу интересни информации надвор од формалното образование.“ беше описот на Владимир Талевски за „ЕУ викендот“, дел од програмата Учиме Право на Младински образовен форум кој се одржa на 16 и 17 феврари.
На Учиме право – ЕУ викендот во Охрид во Хотелот Белведере, присуствуваа повеќе од 60 средношколци од Скопје, Велес, Битола, Кичево, Тетово, Радовиш, Делчево и Струга.
Имено, во овие два дена учесниците се запознаа со историјатот на Европската Унија, нејзините институции, Лисабонскиот договор, а како финален настан ја организираа симулацијата на Европскиот совет, каде се најдоа во улога на претставници на земјите членки на Европската Унија и дискутираа околу пристапувањето на Турција.
„Супер е можноста да се запознаеме подобро со Европската Унија, начинот на кој функционира. Многу подобро се запознав со проблемот на Турција кон пристапот во ЕУ. Но, за мене најважно е дружењето со сите учесници и поминатото време со нив“ вели Кристијан Милошевиќ, од Велес.
Целта на симулацијата е учесниците да се запознаат првенствено со начинот на кој оваа Унија функционира, но од друга страна и со различностите во ставовите, културата и историјата на веќепостоечките земји членки.
„Убаво и интересно поминато време со сите учесници и предавачи. Како прв настан на кој присуствувам организиран од страна на МОФ, искуството е одлично.“ вели Сара Мишова од Скопје, во таа насока Учиме право програмата ќе продолжи со својата посветеност во едуцирање на младите низ Р.Македонија и ќе се залага за почитување на правните вредности, интеграцијата и демократијата во едно општество.